• четврток, 19 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во пораст нападите врз азиланти и десничарски инциденти во Германија

Во пораст нападите врз азиланти и десничарски инциденти во Германија

Берлин, 22 април 2025 (МИА) - Последните официјални податоци покажуваат дека во Берлин има значително зголемување на бројот на напади врз баратели на азил и центри за нивно прифаќање, како и екстремно десничарски криминални дела, поради што има се повеќе повици за поголема заштита на мигрантите и построга политика кон екстремно десничарското насилство, пишува денеска Гардијан.

Официјалните податоци, чие објавување го побараа двајца локални пратеници на Партијата на зелените, покажуваат дека во 2024 година имало 77 напади врз баратели на азил и бегалци, како и осум случаи на напади врз центри за нивен прием, додека една година претходно биле регистрирани 32 вакви инциденти врз бегалци, а ниту еден центар не бил нападнат.

Поради ова во болницата помош побарале 34 лица. Идентификувани се 37 осомничени за напади врз баратели на азил, од кои 11 од претходно и биле познати на полицијата.

Еден од пратениците на Зелените, Џијан Омар, кој побара официјални податоци, рече дека овој извештај е аларм. „Бараме подобар план за заштита на бегалците, видливо полициско присуство во прифатните центри и пред се политика која јасно го препознава десничарското насилство и решително ќе се бори да го потисне“, рече тој.

Во Берлин има околу 35.000 регистрирани бегалци во официјалните прифатни центри, а уште 10.000 во привремените центри, како оние на поранешните аеродроми Тегел и Темпелхоф, кои често биле критикувани за лошите услови, пишува Гардијан.

Официјални лица од Канцеларијата за прашања на бегалците во земјата (ЛАФ) за локалните медиуми изјавија дека подготвиле планови за спречување насилство, вклучително и 24-часовно присуство на безбедносниот персонал во повеќето објекти. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан