• недела, 22 декември 2024

Во Полска и Чешка хибридни напади и дезинформации се шират побрзо од поплавите

Во Полска и Чешка хибридни напади и дезинформации се шират побрзо од поплавите

Варшава, 19 септември 2024 (МИА) - Полскиот премиер Доналд Туск утрово ги предупреди своите сограѓани дека, доколку забележат германски војник во поплавените подрачја и околу насипите, тоа не е окупатор, туку војник кој, како и некои од американските војници стационирани во Полска, тука е за да помогне во борбата со поплавите.

„Ако видите германски војници, немојте да паничите. Тоа е помош, и нека нема сомнежи“, порача Туск, кој е принуден да го повторува ова во услови на огромна поплава на дезинформации, лажни вести и теории на заговор кои се шират побрзо од поплавите во Полска, но и во соседна Чешка.

Полицајци, војници и спасувачи се испраќаат на терен на локации пријавени од шегобијци, наместо да помогнат каде што навистина има опасност. Истовремено, Агенцијата за внатрешна безбедност е преоптоварена со справување со потенцијално поопасното ширење дезинформации.

„Видено е лице облечено во воена униформа кое на различни места шири информации дека насипите наскоро ќе бидат дигнати во воздух. Возилото со кое се вози има лажни регистарски таблици, и ова веќе не е шега, туку сериозна ситуација. Немојте да верувате и веднаш пријавете ги случаите“, изјави синоќа премиерот Туск.

Полската влада, заедно со службите за безбедност, се обидува да ги елиминира овие дезинформации што побрзо и да спречи создавање паника, што според безбедносни експерти, може да биде дел од хибридните напади што ги следат случувањата во Украина.

Соседна Чешка е преплавена со друг, не помалку опасен вид на лажни вести и дезинформации - дека всушност нема поплави и дека владата ги измислува, вклучувајќи и драматични снимки од населби под вода и акции за спасување, за да го одвлече вниманието од други теми пред регионалните избори закажани за петок и сабота.

„Навистина ли има такви идиоти на кои тоа им влијае?“, напиша асистентот на пратеникот Јарослав Фолдина за радикалните националисти, Михаел Крафт, заедно со фотографија од седница на кризниот штаб.

Филмскиот режисер Јан Томанек, кој на својот веб-сајт „Здрав форум“ се бореше против мерките за време на пандемијата со ковид и задолжителната вакцинација на децата, напиша дека можеби некаде врне, но дека во Прага и во целата земја сè е во ред.

„Луѓето повторно го загубија разумот некаде и чекаат во 'stand-by' режим да пристигнат нови инструкции од владата, повторно медиумски инструкции за бесмислен страв, манипулации и целосно бесмислени мерки во целата земја“, напиша Томанек, а парадоксално посочи и дека армијатасе што е потребно за справување на земјата со поплавите, веќе испратила во Украина.

„Првиот тип се типични теории на заговор и измислици, како на пример дека поплавите се предизвикани вештачки или дека медиумската хистерија е параван за тоа што Чешка треба да се вклучи во војната во Украина. Вториот тип на дезинформации не содржи измислени вести, туку ја користи ситуацијата со поплавите за да ја критикува владата, главните медиуми, САД и Украина“, изјави советникот на чешкиот премиер за сузбивање на дезинформации, Милош Грегор, за онлајн дневникот Seznam Zpravy.cz.

Заговорниците на теории на заговор, антиваксери, проруските десничарски екстремисти, но и некои радикални левичари шират приказни дека за поплавите и циклонот Борис се виновни властите кои со авиони распрскуваат хемикалии, бактерии и вируси или тајни супстанции кои предизвикуваат обилни дождови и поројни бури.

Омилена е и теоријата дека за сè е виновен HAARP, проект за активно аурорално истражување на високи фреквенции близу Гекон, на Алјаска, кој инаку има за цел да ги проучува феномените на поларната светлина и радио комуникациите, започнат во 1990 година и завршен пред десет години.

Се појавија и теории дека поплавите се подготовка на НАТО, чиј Воен комитет заседаваше во Прага од 13-ти до 15-ти септември, за напад врз Русија.

Според оцените на експертите во Чешка, дезинформациите кои се шират на социјалните мрежи доведоа до зголемен број луѓе, особено постари, да одбијат евакуација поради поплавите, бидејќи на Фејсбук или платформата Икс (поранешен Твитер) се тврди дека ги нема, а подоцна молеле да бидат спасени со хеликоптери кога биле отсечени од светот и веќе било предоцна за вообичаена евакуација.

Во поплавите досега загинаа најмалку 24 лица, од кои пет во Чешка, седум во Романија, седум во Полска и пет во Австрија.ссм/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан