• петок, 20 декември 2024

Во Полска домашните задачи веќе не се задолжителни во основните училишта

Во Полска домашните задачи веќе не се задолжителни во основните училишта

Варшава, 1 април 2024 (МИА) - Во Полска денеска стапи во сила уредбата со која се укинуваат задолжителните домашни задачи во основните училишта, соопшти полското Министерство за образование.

Како што е наведено, наставниците од 1 до 3 одделение можат да даваат само „вежби за подобрување на фината моторика“, кои ќе бидат задолжителни и наставникот ќе може да им додели оценка на учениците, пренесуваат полските медиуми.

Полското Министерство наведува дека, благодарение на развиените фини моторни вештини, детето може поефикасно да учи.

Од четврто до осмо одделение во основното училиште наставникот ќе може да даде писмена или практично-техничка домашна задача, но домашната работа нема да биде задолжителна и ученикот нема да добие оценка за неа.

Наместо тоа, наставникот треба да му даде на ученикот информации за тоа што направил добро, што треба да подобри и како треба да продолжи да учи, се наведува во уредбата.

Од Министерството прецизираат дека „писмената и практично-техничката домашна задача“ опфаќа есеи, состави, пополнување тетратка, решавање математички задачи или подготовка на мултимедијална презентација. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан