• вторник, 10 февруари 2026

Во полиција пријавени случаи на фрлање отров низ Неготино и газење кучиња со возила

Во полиција пријавени случаи на фрлање отров низ Неготино и газење кучиња со возила

Неготино, 21 јануари 2026 (МИА) - Во полиција биле пријавени случаи на фрлање отров низ Неготино и газење кучиња со возила.

Од Секторот за внатрешни работи - Велес попладнево информираа дека вчера во 11:20 часот во ОВР - Неготино, од Општина Неготино било пријавено дека во периодот од 1 јануари до моментот на пријавување, на повеќе локации во Неготино било извршено расфрлање на отров и прегазување на кучиња со возила. 

- Според пријавеното, сите кучиња биле подложени на хуман третман од страна на стационар за животни. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопштија од СВР - Велес.

Градоначалничката Марија Нацева претходно напиша на „Фејсбук“ дека со длабока загриженост ги следи пријавите и сведоштвата за труење и сурово постапување со кучиња во Неготино. 

- Ова го осудувам најостро. Вакви дејствија не смеат да се случуваат во градот во кој живееме, напиша градоначалничката.

Таа додаде дека Законот за заштита и благосостојба на животните е јасен, а намерното труење и мачење животни претставува сериозен прекршок и ваквите дејствија можат да повлечат и кривична одговорност, согласно важечките закони.

- Сакам јавно да појаснам - Општина Неготино не молчи и не стои настрана. За овие случаи доставени се информации и пријави до надлежните органи, и очекувам институциите да постапат итно и решително. Во оваа постапка клучна е улогата на МВР, инспекциските служби, вклучително и Агенцијата за храна и ветеринарство, додаде Нацева.

Неготинската градоначалничка ги повика надлежните институции да излезат на терен, да се направи стручно постапување и да се санкционира секој сторител.

- Апелирам и до сопствениците на миленици - да бидат одговорни, да ги чуваат своите животни во безбедни услови и да не ги пуштаат без надзор. Напуштањето на миленици и нивното оставање на улица е неодговорно и недозволиво, додаде градоначалничката.

Таа истакна дека овде не станува збор само за благосостојбата на животните.

- Расфрлан отров на јавна површина е сериозна закана за јавното здравје и безбедноста на граѓаните, особено на децата. До сите жители - пријавувајте веднаш во полиција ако забележите сомнителни материи или труење, и не допирајте сомнителни остатоци на јавни површини. Единствено со заедничка реакција и координација можеме да спречиме нови случаи, подвлече Нацева.

Во објавата истакна дека Неготино мора да биде град на ред, безбедност и одговорност, за луѓето и за животните.

- Како локална самоуправа ќе продолжиме да инсистираме на системско и хумано решавање на проблемот, во рамки на законските надлежности, нагласи градоначалничката. свд/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан