• петок, 05 декември 2025

Во Охрид одржана церемонија во чест на Светлана Мојсов, годинешната добитничка на Светската награда на хуманизмот

Во Охрид одржана церемонија во чест на Светлана Мојсов, годинешната добитничка на Светската награда на хуманизмот

Охрид, 9 август 2025 (МИА) – Во охридскиот дом на МАНУ во Куќата на Уранија денеска се одржа свеченост во чест на Светлана Мојсов, годинешната добитничка на Светската награда на хуманизмот со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климент на сите светски меридијани.

Како што беше посочено во појаснувањето на одлуката на Жирото на Академијата на хуманизмот што ја доделува наградата, Светлана Мојсов, професор на Универзитетот Рокфелер во САД, наградата ја добива за нејзиниот придонес во современата медицинска наука, особено за нејзините структурални биохемиски откритија и ендокринолошки достигнувања во развивањето на ефективни лекарства за справување со дијабетесот и дебелината, како и за ублажување на асоцијативни форми на патологии.

Светлана Мојсов, професор на Универзитетот Рокфелер во САД, е годинешниот дубитник на Светската награда на хуманизмот, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климе

Таа по Георги Старделов е вториот добитник од Македонија на ова престижно признаните, инаку 19 по ред со кое Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда,Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа. 

Мојсов не присуствуваше на денешната церемонија на која требаше да и биде врачена наградата, од оправдани причини. Имено, пред само неколку дена до нејзиниот тим пристигнал краен рок за поднесување на кандидатурата за годинешната Нобелова награда за природни науки од областа на медицината.

Нејзиното писмо пред присутните на денешната свеченост, меѓу кои и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и поглаварот на МПЦ, Архипископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, го прочита амбасадорот Јордан Плевнеш, претседател на Охридската академија на хуманизмот.

Во него таа вели дека добила многу награди, но оти не можела ниту да сонува дека ќе се најде во тавка светска плејада великани од сите области, меѓу Шанкар, Солжењицин, бидејќи спецификата на оваа награда носи нешто величенствено, дека Светите Климент и Наум ги откривала кога како дете ги посетувала охридските цркви...Уште оттаму потекнува мојата љубов кон природните науки, меѓу другото посетувајќи го и Хидробиолошкиот завод во Охрид. Мојата желба да дојдам ќе се оствари во најкус можен рок, ги пренесе Плевнеш зборовите на лауреатката.

Беседа за наградената имаше претседателот на МАНУ, Живко Попов, кој се обиде пред присутните да ги долови достигнувањата на Мојсов во областа на медицината.Тој најави дека Мојсов ќе биде прогласена за надворешен член на МАНУ.

Свое обраќање имаше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој рече дека Охрид денеска се поклонува на Светиот Климент, а истовремено се слави како центар на светскиот хуманизам.

- Уште поголемо е задоволството што и порај сите големи дискурси што се одвивале со светски познати центри на културата, сепак на крај светските елити се враќаат на самиот извот на хуманизмот, тука во Охрид, рече Пецаков.

Настанот се одржува со поддршка на Министерството за култура и туризам на  Македонија и Општина Охрид.

Охридската академија на хуманизмот од 2007 година ја инаугурира Светската награда за хуманизам, признание што се доделува на познати личности на светската уметност, според традицијата на Св. Климент Охридски - основоположникот на првата Средновековна школа за хуманизам во Европа.

Охридската нарада за хуманизам е активност осмислена во насока на возобновување на духовната меморија за првата средновековна школа на хуманизмот основана од Светите Климент и Наум, учениците на Св. Кирил и Методиј - заштитниците на Европа. аб/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан