• сабота, 11 мај 2024

Во ОУ „Никола Карев“ во Кочани отворен Вики клуб на ГЛАМ Македонија

Во ОУ „Никола Карев“ во Кочани отворен Вики клуб на ГЛАМ Македонија

Кочани, 10 март 2023 (МИА) – Здружението ГЛАМ Македонија, кое работи на уредување на македонската верзија на Википедија, денеска го отвори својот прв Вики клуб во Кочани, чие седиште ќе биде во ОУ „Никола Карев“.

За почеток во клубот се вклучени петнаесетина ученици кои веќе ја поминаа воведната обука и запознавањето со основните вештини за пишување статии, по што активно ќе се вклучат во уредувањето на најголемата електронска енциклопедија во светот.

-Со учениците ќе работи наставник ментор кој ќе им помага во создавањето статии и ќе биде одговорен за клубот. Наша цел е постојано да го зголемуваме бројот на нови статии на македонски јазик, како и да ги дополнуваме и подобруваме веќе постојните, со што Википедија ќе биде релевантен извор на информации. Членувањето во клубот е бесплатно и волонтерски, а за најактивните уредувачи се предвидени и награди што ќе се доделуваат еднаш месечно. Важно е што имаме соработка со странските амбасади кај нас, а овој месец соработката ја интензивираме со дипломатското претставништво на Италија. Уредувачите на петте најдобри статии на македонски јазик што се поврзани со оваа земја, ќе бидат наградени со ваучери, опрема и слични подароци, истакна Елена Крстева, менаџерка за образовни проекти во здружението ГЛАМ Македонија

За поттикнување и збогатување на македонската верзија на Википедија, уредувачите можат да добијат награди во четири категории, односно за најголем број придонеси, најголем број нови статии, најдобра статија и за најдобар учесник кого го одбираат сите Вики клубови.

Вики клубот во Кочани е десетти по ред во државата, а отворени и активни се клубовите во Скопје, Охрид, Штип, Гевгелија, Велес, Струга и во други градови.

Од 2003 година, кога почна уредувањето на македонската Википедија, досега се регистрирани над 107 илјади учесници, а напишани се повеќе од 134 илјади статии на македонски јазик. та/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан