• сабота, 15 февруари 2025

Во организација на НФФ во Скопје Сити мол се одржува саем на мали производители на храна

Во организација на НФФ во Скопје Сити мол се одржува саем на мали производители на храна

Скопје, 15 февруари 2025 (МИА) – Во организација на Националната федерација на фармери, денеска, во Скопје Сити мол се одржува саем на мали производители на храна, каде потрошувачите имаат можност да купат производи правени на традиционален начин директно од производителите.

Како што посочи претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, со купувањето на производи директно од производителите се избегнува ланецот земјоделец–трговец–дистрибутер–трговец, каде, како што рече, се наддаваат маржите и цената рапидно се зголемува.

– Производителот ја знае цената на суровиот земјоделски производ, си знае колку труд и финансии вложува за да го преработи тој земјоделски производ и потоа ја одредува својата цена. Доколу купите директно од земјоделците кои сами ги преработуваат своите земјоделски производи, вие го избегнувате ланецот земјоделец – трговец – дистрибутер – трговец, каде што се наддаваат маржите, а знаеме последните години, за жал, како маржите драстично се зголемија, што претставува штета на земјоделците и потрошувачите, рече Мојсовска.

Прашана каде се случува рапидниот скок на цената на производите и дали како производители, по вчерашната средба на дистрибутерите и трговците во Министерството за економија за ограничување на маржата на основните прехранбени производи, ќе побараат и тие да се сретнат, Мојсовска вели дека тоа ќе се случи во догледно време и ќе ги кажат своите ставови.

– Не знам дали кај откупувачите, дистрибутерите или трговците, но знам земјоделците по кои цени ги продаваат. Земјоделецот нема време да оди да продава, бидејќи доколку го прави тоа ќе нема кога да работи и да произведува. Нивата треба да се навади, треба да се внимава за производот да се заштити, не може земјоделецот да биде и производител и трговец. Како организација сме социо-економски партнер на државата и редовно сме консултирани за сите одлуки, така што во догледно време и ние ќе имаме средба за да ги кажеме нашите ставови, рече Мојсовска.

Националната федерација на фармери, додаде, неколку пати годишно организира саеми на кои производителите им ги презентираат своите производи директно на потрошувачите.

– Ние како организација им организираме саеми каде што имаат можност да се презентираат и да бидат во директен контакт со потрошувачите. Организираме неколку саеми годишно, последниот беше на 15 декември, додека овој е прв за оваа година, потоа на следува во април, како и во есенскиот период неколку саеми. Сметаме дека со што поголема промоција на самите оператори на храна ќе може да се допре до населението и директно од самите производители ќе може да се набават производите кои што се правени на традиционален начин, а секако безбедни и здрави за сите, рече Мојсовска. ра/нд/

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан