• сабота, 13 декември 2025

Во новосадскиот неделник „Култура“ Објавен расказ на Томислав Османли

Во новосадскиот неделник „Култура“ Објавен расказ на Томислав Османли

Скопје, 26 окомври 2025 (МИА) - Во неделниот број „Култура“ на угледниот новосадски весник „Дневник“ објавен е расказ на македонскиот писател Томислав Османли.

Расказот насловен „Есен во воздухот“ е почетната, лирична проза на неговата книга насловена „Каприча“ инаку објавена пред 16 години во издание на скопски „Магор“, додека 2019 година под игривиот наслов „Збир-ка-прича“ ја објави угледното книгоиздателство „Прометеј“, во превод од македонски на преведувачот и писател Зоран Ж. Пауновиќ. Сепак, расказот „Есен во воздухот“ - поради еуфониските решенија што сакаше да ги пренесе во дел од неговата куса проза - на српски ја преведе самиот македонски писател.

Збирката го носи поднасловот „елегии и гротески – апсурди во проза“. Расказот што сега е објавен во Србија е дел од првиот, елегичен прозен регистар. Еден друг дел од книгата на Османли го носи фарсичниот и гротескен карактер. Оваа поетика нашиот автор ќе ја доразвие во својата прозна збирка „Парадоксикон“, наградена 2021 наградена со „Рациновото признание“, како и во други свои, особени раскази кои самиот ги именува „прозни каприча“ и обично ги проследува со креативно избрани илустрации од светското ликовно и графичко уметничко наследство, што по негово чувство го содржат духот на прозата во која содејствуваат и во една додатна, ликовна димензија.

Расказот „Есен во воздухот“ водечкиот дневен весник ја објавува на предлог од Ненад Шапоња, писател и уредник на „Агора“ од Зрењанин/Нови Сад, една друга угледна издавачка куќа која неодамна го објави романот „Столб што пее“ од истиот македонски автор.  

Објавата оваа проза од македонскиот автор во прилогот „Култура“ на новосадски „Дневник“, еден од водечките српски дневни весници, се појавува во време кога во Белград трае престижниот 68 Меѓународен саем на книгата. нд/

Фото: Томислав Османли

Остани поврзан