• недела, 22 декември 2024

Извршен увид, во несреќата во Илинден загина 14-годишно девојче

Извршен увид, во несреќата во Илинден загина 14-годишно девојче

Скопје, 26 февруари 2023 (МИА) - Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи на МВР и обдуцент од Институтот за судска медицина изврши увид на лице место на железничка станица во општина Илинден, каде според првичните сознанија, како последица на струен удар починало 14-годишно девојче.

Како што соопшти Јавното обвинителство, првичните информации упатуваат на тоа дека несреќата се случила кога девојчето со уште две други деца си играло околу паркираните вагони, при што во еден момент се качило на еден од вагоните и се допрело до жиците за струја под висок напон. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатото девојче.

Со двете малолетни лица – сведоци на настанот е извршен разговор, местото е фотографирано и се работи на испитување на сите околности кои довеле до трагичниот настан.​

Во СВР Скопје вчера било пријавено дека во населбата Илинден на железничка станица-складиште има почината малолетничка.

Од МВР наведуваат дека на местото на настанот починала малолетничката, а смрт била констатирана од страна на лекар од Итната медицинска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатата малолетничка било предадено во Институтот за судска медицина за обдукција. мс/аа/

 

фото МИА архива

Остани поврзан