• вторник, 16 декември 2025

Во натамошна собраниска процедура Предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба поради ризик од зголемен обем за влез и транзитирање на мигранти

Во натамошна собраниска процедура Предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба поради ризик од зголемен обем за влез и транзитирање на мигранти

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на денешната 29. седница ја разледаа Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија и ја проследија на натамошна постапка во Собранието. 

Министерот за одбрана Владо Мисајловски ја образложи оваа предлог-одлука и информира дека се работи за тековна точка, која се носи низ годините и се работи само за замена на зборовите, поточно датумите. - Треба да се заменат зборовите, односно од 31 декември 2025 година да се замени со зборовите до 31 декември 2026 година. Тоа е измената, рече Мисајловски.

Членовите на оваа собраниска комисија ја разледаа и Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан и ја проследија на натамошна постапка во Собранието. 

Министерот Мисајловски ја образложи Предлог-одлуката и информира дека се испраќаат двајца припадници на Армијата за период од шест месеци, од февруари до август 2026 година.

Членовите ја разледаа и Информација за потребата од склучување на Амандман 1 на договорот влада со влада за обезбедување на резервни делови по програмата Cooperative Logistic supply Support (CLLSA), со склучување на Амандман 1 помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на САД.

Информацијата ја образложи министерот Мисајловски и соопшти дека се работи за дополнување на амандман. 

-Имаме веќе постоечки договор со САД, каде имаме грант од тамошните американски обврзници, кои ни даваат средства за користење дел од опремата што се набавува од Америка. Оваа програма се нарекува КЛИСА, каде можеме сите оние возила што се набавени од Америка да набавиме дополнителни резервни делови, да ги ставиме во функцијата итн. бидејќи само претходно се користеа средства од САД, како грант. Оваа година имаме можност во буџетот да додадеме од нашиот сопствен буџет уште два милиони долари, ставаме средства каде ќе може до крајот на годината веднаш да нарачаме нови резервни делови и да ги ставиме во функција сите оние возила што во минатото не биле во функција. Со тоа борбената готовност ќе биде поголема, а за овие оклопни возила, лесни и потешки, не можат со друга компанија, освен од таму каде се произведени, однонсо од САД, рече Мисајловски.

На овој начин, како што рече, ние правиме дополнување на овој договор, каде ќе можеме и за новите возила кои пристигнуваат да имаме дополнителни средства, ако има потреба за одржување или за делови. Според него, ова е една од подобрите програми, каде нема друг начин освен директно да се потпише договор влада со влада и можност да се издвојат дополнителни средства од буџетот. мд/са/

Фото: принтскрин 

Остани поврзан