• четврток, 26 март 2026

Во манастирот „Св. Симеон Столпник“ промовирана монографија за кочанското село Костин Дол

Во манастирот „Св. Симеон Столпник“ промовирана монографија за кочанското село Костин Дол

Кочани, 16 септември 2025 (МИА) - Во кругот на манастирот „Св. Симеон Столпник“, сместен во кочанскиот дел од  Осоговијата, кај Костин Дол, на празникот „Св. Симеон“, на   традиционалниот народен собор беше претставена монографијата под наслов „Костин Дол - село што постои уште само на географските карти“ од авторите Јане Атанасов и Славица Цветкова.

Монографијата и нејзините автори ги најави Драги Трајчев, дипломиран правник и поет, кој повеќе години живее во манастирските објекти на „Св. Симеон Столпник“.

Славица Цветкова зборуваше за процесот на создавањето на книгата, а Јане Атанасов, кој потекнува од ова село, имаше емотивно обраќање во смисла дека оние кои помнале дел од својот живот во селото, ќе го носат истото во своето срце и својата душа до крајот на животот.

- Нивните потомци повремено ќе го споменуваат и посетуваат Костин Дол. Но следните генерации воопшто нема да знаат дека такво село постоело, нагласи Атанасов.

За да не се случи тоа, тој и неговата соработничка Славица Цветкова, се потрудиле и собрале доста податоци за Костин Дол и животот во него и ѓи поместиле во книгата.

Монографијата за Костин Дол се простира на 300 страници. Во неа можат да се пронајдат податоци за селото, за манастирот „Свети Симеон Столпник“, за училиштето „Јоаким Крчовски“, за видни – успешни луѓе кои потекнуваат од Костин Дол, за секојдневните работи на селаните, за верские обичаи и народното творештво, за флората и фауната ...

На околу 100 страници се поместени голем број демејни стебла. Посебен прилог е Осоговскиот речник - преглед на зборови и изрази што се користеле во ова, но и во другите села од Осоговието.

Книгата е отпечатена во кочанската печатница „Европа 92“.ис/

Фото: социјална мрежа
 

Остани поврзан