• петок, 05 декември 2025

Во македонскиот КИЦ во Белград оворена изложба „Насликани зборови“ на уметниците Касиопеја Наумоска и Катерина Деспот

Во македонскиот КИЦ во Белград оворена изложба „Насликани зборови“ на уметниците Касиопеја Наумоска и Катерина Деспот

Белград, 29 мај 2025 (МИА) - Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград вечерва беше отворена изложбата „Насликани зборови“ на која се претставени познатите македонски уметници Касиопеја Наумоска и Катерина Деспот. Тие долги години градат успешни уметнички кариери, во две, не толку блиски уметнички области, но индивидуално имаат изложувано како во регионот, така и низ Европа и САД. 

- Касиопеја Наумоска и Катерина Деспот, наши врвни уметници и интелектуалки, преку заедничката уметничка концепција, наречена „Насликани зборови“, се препознаваат меѓусебно и лесно го препознаваат патот до публиката, преку ликовниот израз со кој го дешифрираат своето Неименливо. Нивното Неименливо. Сликарите сликаат зборови, како што е насловена вечерашнава изложба. Нивните дела изложени вечерва комуницираат во пар меѓусебе токму со јазикот на неименливото. Моменти на радост и тага што ја прави вечерва оваа изложба на некој начин и - меморијална, нагласи директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров.

На отворањето Наумоска наведе дека тоа е нејзина прва изложба во Белград.

- Претходно во групни изложби и сега на мое големо задоволство и чест. Васко знае да ги препознае моите дела и токму во неименливото да создаде текстови што остануваат вечно и трајно и да можат да придонесат во читањето на сликите бидејќи ликовниот јазик е поинаков и можеби треба повеќе знаење и умешсност да ги доживееш делата така или барем приближно, како што сака авторот, вели таа. 

Деспот наведе дека е посебно чувството да се изложува во Белград, во македонскиот КИЦ.

- Извонредно е чувството да си во центар на Белград и да си дел од една голема емоција.Делата се без легенди, само еден наслов што стоеше празен - Насликани зборови. Таму има една многу голема емоција.
 
Во изјава за МИА, Касиопеја Наумоска вели дека претставените дела се од циклус работен во изминатите 2-3 години.

- Ова е ден циклус, ако можам да ставам една граница, циклус работен во изминатите 2-3 години со кој сум овдека претставена, Не отстапувам од фигурацијата бидејќи таму се чувствувам најкомотна и се надевам преку ликовните елементи - линија, контраст, знаци - да успеам да пренесам чувство, една емоција што може да се препознае од сите оние кои ќе ги видат моите слики. Делата овдека се со единствен наслов - Насликани зборови - бидејќи широк опсег има самиот наслов, но секоја слика носи своја емоција, свој период на работа, порив на работа.

Катерина Деспот во изјава за МИА вели дека во Белград изложува дводимензионални композиции. 

- Овдека станува збор за дводимензионални композиции наменети за тродимензионален простор односно во секое од делата има еден дел што е моморијална зона и како треба да се рзвива целата содржина, но се е интерпретирано ликовно. Композициите се направени од различни материјали - тоа се колажи каде има дел што е централен и како се шири целото јадро - со главни и споредни патеки што водат до меморијалната зона. Делата се со применливост, не се само чисто ликовни.

Изложбата ќе биде отворена до 9 јуни. зш/

Остани поврзан