• недела, 17 ноември 2024

Во Крушево почнуваат чествувањата за Илинден и 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република

Во Крушево почнуваат чествувањата за Илинден и 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република

Крушево, 1 август 2023 (МИА) - Со отворањето на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ вечер на Гумење во Крушево и официјално почнува чествувањето на големиот празник Илинден. Годинава се одбележуваат 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република. На отворањето на манифестацијата ќе се обрати претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Во рамките на чествувањата за Илинден, делегација денеска во 10 часот ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во Смилево, а пред споменикот на Дамјан Груев ќе положи свежи цвеќиња.

Пред отворањето на Манифестацијата, околу 19 часот, пред столбот на Крушевската Република во центарот на Крушево, крушевчани ќе ја пречекаат илинденската коњаница. Пристигнуваат коњаници од повеќе места за потоа да бидат пречекани на Гумење. Во чест на големиот илинденски јубилеј, Државниот архив пред Македониумот ќе ја отвори изложбата на документи и фотографии насловена „120 години Илинденското востание – архивска меморија“.

Делегација од Манифестацијата ќе им оддаде почит на: Веле Марков, пред неговата биста, на Питу Гули, на неговото вечно почивалиште на Гумење, на Тоше Проески, на Илинденските востаници пред криптата и на борците од НОБ на партизанските гробишта.

Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ нуди богата програма и целовечерен концерт на повеќе изведувачи.

Утре, на 2 август, на празникот, чествувањата во Крушево започнуваат изутрината од 9 часот. Бројни делегации ќе се поклонат и ќе му оддадат почит на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев пред неговото вечно почивалиште во куполата од споменикот „Илинден“ на Гумење, во Македониумот. Делегацијата на Собранието, кое е покровител на годинашниве чествувања, ќе ја предводи собранискиот спикер Талат Џафери. Почит ќе им биде оддадена и на загинатите Илинденци пред споменикот во месноста „Слива“, а панихида за загинатите ќе се одржи во црквата „Свети Никола“.

Централното чествување за Илинден е од 11,30 часот на 2 август, на Мечкин Камен. На народниот собир на Мечкин Камен ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери. ем/вг/

фото: МИА

Остани поврзан