• понеделник, 23 декември 2024

Во Крушево потпишан договор за првата канцеларија за дијаспората

Во Крушево потпишан договор за првата канцеларија за дијаспората

Крушево, 2 ноември 2022 (МИА) - Преку договор за соработка меѓу крушевските локални власти и министерoт задолжен за дијаспора, што се потпиша денеска, ќе се отвори канцеларија за дијаспората. Оваа е првата од 23-те канцеларии кои ќе се отворат во општините во првата фаза.

Договорот го потпишаа министерот задолжен за дијаспора Џемаил Чупи и крушевскиот градоначалник Томе Христоски.

Според министерот Чупи,  преку канцеларија за дијаспората ќе се нудат сите информации за правата и поволностите на нашинците во дијаспората, ќе ги поедноставува бирократските процедури, но и ќе се мапира дијаспората со сите здруженија.

-Сакавме симболично да почнеме со Крушево, како значаен историски град. Канцелариите или центрите за дијаспора се дел од Националната стратегија. На нашите иселеници ќе им се нудат информации за сите права и поволности што ги имаат во татковината. Целта на канцеларијата ќе биде посредничка. На нашата дијаспора ќе ѝ се нудат помош, асистенција за забрзана постапка во сите релевантни предмети, можеби и спорни, во врска со нивните права. Преку оваа канцеларија ќе може да сумираме подетални информации за нашата дијаспора, што подразбира мапирање на нашата дијаспора, а тоа може да се направи со помош на градоначалникот и Општината кои имаат подетални информации за сите професионалци кои работат во дијаспората, изјави Чупи.

Појасни дека ќе има мапирање на научната дијаспора, на економската и мапирањето на сите наши здруженија, организации кои веќе се активни во дијаспората.

-Преку канцеларијата ќе може да имаме тесна соработка. Во иднина ќе имаме поблиски соработки и со меѓународните организации за секаков вид проекти, додаде министерот Чупи.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски вели дека канцеларијата ќе функционира во рамки на Одделението за локален економски развој. Се надева и на развој, пред сѐ, на туризмот како главна развојна гранка на градот.

- Прва општина сме што го потпишавме договорот за соработка за отворање канцеларија. Овој договор ќе придонесе за пофункционално завршување на бирократските процедури со кои се соочуваа нашите сограѓани од дијаспората, во поглед на поедноставно одобрување одредени барања, поедноставување на одредени бирократски процедури, кои беа долги и за поедноставно решавање. Не може да дадеме точна бројка колку имаме од нашиот регион во дијаспората, но се соочуваа со повеќе проблеми. Во иднина електронски ќе добиваат решенија, државјанства, изводи. Ова ќе ги доближи врските со дијаспората и се надеваме ќе влијае на развојот на туризмот, изјави Христоски.

Можност за отворање вакви канцеларии или центри им е понудено на 82 општини. Во првата фаза ќе бидат отворени во 23 општини. Ќе се воспостави и соработка со Министерството за информатичко општество и администрација. ем/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан