• недела, 22 декември 2024

Во Крива Паланка лани собрани 611 единици крв

Во Крива Паланка лани собрани 611 единици крв
Крива Паланка, 11 јануари 2021 ( МИА) - На шеснаесет крводарителски акции спроведени минатата година во Крива Паланка и Ранковце од страна на Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка собрани се вкупно 611 единици крв. Со тоа реализирани се 86 отсто од годишниот план за крводарувања на оваа организација.
- Од планираните 711 единици крв со планот за 2020 година, лани беа собрани 611, што претставува 86 отсто од проектираните. Во тоа се огледа дека работата и во овој домен е засегната од пандемијата што го зафати целиот свет, бидејќи ова е првпат по период од многу години  нашата општинска организација да не го оствари целосно годишниот план, особено што како организација редовно бевме во најуспешните на ниво на државата во реализација на годишниот план за крводарувања, што во низа години и редовно го натфрлавме со околу дваесет отсто, изјави Дарко Пешовски, секретар на Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка.
Од вкупниот број акции лани, две се спроведени во Ранковце, 14 во Крива Паланка, а најголемиот процент од нив, поради специфичните услови за реализација во услови на пандемија, со запазување на сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19, се спроведени во спортската сала на Основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“, зграда „Партизан“.
- Минатата година ја заокруживме со исклучително успешна акција на која беа собрани 70 единици крв, а веќе утре ја организираме првата акција за новата година и ќе се одржи во соседната општина Ранковце. Акцијата ќе трае од 10 до 14 часот, а ќе се спроведе во просториите на Територијалната противпожарна единица Ранковце, информира Пешовски.
Првата акција за крводарување во Крива Паланка е закажана за четврток, 14 јануари, во 10 часот, а ќе трае до 15 часот. Акцијата во Крива Паланка ќе се одржи во салата на ОО Црвен крст - Крива Паланка.
Акциите се реализираат со поддршка на Институтот за трансфузиона медицина - Скопје, а организаторот го нагласи задолжителното носење заштитна опрема. При одржување на акциите во целост се почитуваат протоколите и мерките на Министерство за здравство и Владата за заштита од Ковид-19. ид/мд/

Остани поврзан