• недела, 22 декември 2024

Во Крива Паланка изграден прв терен за мал фудбал со вештачка трева 

Во Крива Паланка изграден прв терен за мал фудбал со вештачка трева 

Крива Паланка, 25 септември 2024 (МИА) - На спортскиот комплекс во Крива Паланка уреден e првиот терен за мал фудбал со вештачка трева. Извршено е уредувањето на површина површина од 924 метри квадратни, со поставена вештачка трева, стативи и ограда во висина од четири метри. Вкупната инвестиција изнесува 3.617.812 со ДДВ што Општина Крива Паланка ги вложува од тригодишната Развојна програма на општината.

-Од денес сите љубители на фудбалот можат да спортуваат на првиот терен за мал фудбал во Крива Паланка, со кој, заедно со сите инвестиции во спортот, уредување на спортски содржини и урбана инфраструктура, општината ја покажува својата посветеност на развој на спортот, развој и унапредување на условите за напредок на младите и условите за развој на нови спортски таленти, посочуваат од службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Во изминатиот период на спортскиот комплекс во Крива Паланка беше поставена фитнес зона на отворено, проект вреден 3.000.000 денари обезбедени од Агенцијата за спорт и млади, преку Швајцарската влада, УНДП и Министерството за локална самоуправа изградена е памп трака за велосипеди, 4.000.000 денари, поставено е ново осветлување во спортската сала „Бранители 2001", а во тек е реализација на проектот за уредување на првиот парк за миленици на локацијата кај спортскиот комплекс, надополнет со ново детско катче, за што од Развојната програма на Општина Крива Паланка ќе бидат вложени 3.800.000 денари.

Вкупната сума инвестирана за инфраструктура на спортскиот комплекс во градот за неполни три години изнесува 14.4 милиони денари, додека во изградба, уредување и реновирање на спортска инфраструктура во Општина Крива Паланка во изминатите три години изнесува околу 41 милион денари.

Дополнително за инвестирање во спортот и поддршка на спортските здруженија и спортски работници, годишно Општина Крива Паланка издвојува и вложува од Програмата за спорт, 2.5 милиони денари заедно со вложувањето во општинскиот клуб во мал фудбал КМФ "Осогово" што од оваа година ќе се натпреварува во Првата македонска футсал лига. ид/дма/


Фото : Општина Крива Паланка 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан