• петок, 22 ноември 2024

Во Кочанско 12 пожари за едно деноноќие, изгоре патничко возило и 20 хектари земјоделски култури

Во Кочанско 12 пожари за едно деноноќие, изгоре патничко возило и 20 хектари земјоделски култури
Кочани, 17 јули 2021 (МИА) – Вкупно 12 интервенции во изминатото деноноќие имаа пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Кочани, главно за гаснење пожари на земјоделски површини. Во огнената стихија биле зафатени 20 хектари со земјоделски култури, претежно жита, а од огнот што се прошири кон магистралниот пат А3 било зафатено и патничко возило кое целосно изгорело, а патниците во него се здобиле со полесни повреди. -Без прекин во интервенциите бевме во изминатите 24 часа. Со шест возила и 11 пожарникари од нашата единица, како и со помош од колегите од Виница, гасневме пожари на отворен простор во селата Облешево, Чешиново, Теранци, Чифлик и Кучичино во општина Чешиново-Облешево. Практично немаше дел од полето што не гореше. Не успеавме да го спасиме автомобилот што настрада во огнот на магистралниот пат во близина на Облешево. Внатре имаше семејство кое се обиде и само да интервенира во гаснењето, поради што лицата се здобија со повреди и беа префрлени во болница. За среќа не се работи за сериозни последици и пуштени се на домашно лекување, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ - Кочани. Во текот на ноќта избувнал уште еден пожар во близина на Чешиново во кој изгореле 2.500 бали со сено, а огнот зафатил и дел од стопански објекти при што е причинета поголема материјална штета. Причина за пожарите е палењето на стрништата и сламата по завршувањето на жетвата на житата, поради што од ТППЕ - Кочани алармираа до земјоделците да се воздржат од таквите постапки за да се избегнат сериозни материјални последици и загрозување на човечки животи. та/дма/

Остани поврзан