• петок, 05 декември 2025

Во КИЦ „Романса“ во Македонска Каменица вечерва ќе бидат доделени наградите од Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“

Во КИЦ „Романса“ во Македонска Каменица вечерва ќе бидат доделени наградите од Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“

Македонска Каменица, 28 номври 2025 (МИА) - Во КИЦ „Романса“ во Македонска Каменица, вечер во 19 часот ќе бидат доделени наградите на годинешните добитници од Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“. Меѓу наградените е и академик Драган Даутовски, кој по свечената церемонија ќе одржи мини-концерт во траење од триесет минути. Публиката ќе има можност да ужива и во настапот на Игор Трпчески, кој ќе интерпретира слем-поезија. Имињата на добитниците ќе бидат официјално објавени вечерва.

Директорот на фестивалот, Миле Ѓорѓијоски, изрази задоволство од присуството на долгогодишните соработници, меѓу кои и Ивана Брезовац од Загреб и Христина Деолска, советник за литература и стручен соработник на фестивалот.

Претседателката на Заедницата на Македонците во Загреб, Ивана Брезовац, истакна дека активностите на македонската заедница во Хрватска продолжуваат да придонесуваат за зачувување и афирмација на македонскиот јазик и култура.

-Како што можете да видите, заедницата на Македонците и Македонското културно друштво повторно се докажуваат во зачувувањето и афирмацијата на македонскиот јазик и култура во Хрватска. Имаме поддршка од Министерството за образование на Република Хрватска и помош од сите институции, но најважна е соработката со Република Македонија. Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ ја препозна нашата заложба и природно е што се поврзуваме. Македонците ширум светот ја вршат својата функција – се трудиме да го зачуваме нашето македонско, рече Брезовац.

Христина Деолска, советник за литература и стручен надворешен соработник на фестивалот, информира дека пред фестивалот традиционално бил распишан и конкурс за краснопис.

-Овој пат работилницата и доделувањето на наградите од конкурсот ќе се одржат на 18 декември во Винчини, во Виница. Сите што се заинтересирани да ги видат работилниците, изложбата од најдобрите трудови и да учествуваат во активностите се добредојдени. Дополнително ќе биде објавено точното време,“ изјави Деолска.

Фестивалскиот директор Ѓорѓијоски најави дека ќе бидат доделени 12 награди, како и секоја година. Посебно признание ќе добие Гоце Панговски, гостин од САД, за неговиот придонес во промоција на македонската историја, јазик и култура во дијаспората. Според извештаите од библиотеките, најчитан автор за годината е Далибор Трајков, кој и минатата година ја носеше истата титула.

-Трајков е веќе повеќе од десет години меѓу најчитаните автори. Се надеваме дека следната година ќе се истакне и некој друг, но неговиот квалитет како писател е неспорен,“ додаде Ѓорѓијоски.

Тој ги покани сите граѓани да присуствуваат на вечерната свеченост во КИЦ „Романса“. вс/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан