Во завршна фаза уредувањето на урбан парк кај зелениот пазар во Крива Паланка
- Уредувањето на просторот кај комплексот згради до градскиот зелен пазар во Крива Паланка е во завршна фаза, а наскоро на оваа локација граѓаните ќе добијат модерно, урбано зелено катче што ќе го облагороди, раззелени и разубави просторот што со децении беше неискористен и нефункционален.
Крива Паланка, 13 мај 2025 (МИА) - Уредувањето на просторот кај комплексот згради до градскиот зелен пазар во Крива Паланка е во завршна фаза, а наскоро на оваа локација граѓаните ќе добијат модерно, урбано зелено катче што ќе го облагороди, раззелени и разубави просторот што со децении беше неискористен и нефункционален.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски денеска изврши увид во работите на терен од проектот „ПАРКС“ и најави дека во завршна фаза се активностите на терен каде на вкупна површина од над 2000 метри квадратни се уредува парк и се разубавува околниот простор што ќе ја промени целосно сликата на овој реон од градот.
Оваа локација се очекува да прерасне во место за рекреација и уживање на жителите од комплексот згради, на сите паланчани и посетителите од различни генерации.
Во рамки на проектот „ПАРКС“ се врши уредување на 1 800 метри квадратни, каде се инвестираат близу 240.000 евра од вкупно одобрени за Крива Паланка 388.000 евра од ИПА ИНТЕРЕЕГ 6А Програмата на ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
Активностите од проектот опфаќаат: уредување нов зелен парк со хортикултурни содржини, изработка на прв зелен катастар за урбаното подрачје на Крива Паланка, поставување сензор за мерење квалитет на воздухот, анализа на почвата, изработка на прирачник за одгледување растенија, како и обука на населението за одгледување амбиентални растенија.
Општина Крива Паланка за урбан изглед на просторот со еко - зелена трансформација и негово комплетно разубавување инвестира дополнителни средства за уредување со што се уредува површина од над 2000 метри квадратни.
„ПАРКС“ претставува синтетиза на инфраструктура со иновации, напредна технологија, сензори за квалитет на воздухот и аналитика во реално време за одржливост на урбаниот пејзаж. Проектот се имплементира како партнерски проект помеѓу Општина Крива Паланка и Дупница и има за цел зачувување на областите преку регионални знаења и одржливиот, а вкупната вредност на истиот изнесува 895.000 евра. ид/мд/
Фото: Општина Крива Паланка