• петок, 22 ноември 2024

Во Државниот архив отворено Одделение за средување и обработка на архивски материјал од османлиски период

Во Државниот архив отворено Одделение за средување и обработка на архивски материјал од османлиски период
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - Во Државниот архив на Северна Македонија денеска беа отворени просториите на Одделението за средување и обработка на архивски материјал од османлиски период и стар период, кои се реновирани и опремени со Центарот за дигитализација, од страна на претседателството на турската Агенција за соработка и координација ТИКА. По тој повод, директорот на Државниот архив Северна Македонија Емил Крстески одржа средба со потпретседателот на ТИКА од Република Турција, Махмут Чевик и програмскиот директор на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут. Директорот Емил Крстески денеска по отворањето на Центарот изјави дека односите со Република Турција се на многу високо ниво и се надева оти и понатаму ќе продолжи професионалната соработка, особено во однос на дигитализирање на документите од османлискиот период и од поновата историја. -Од самото доаѓање како директор на оваа институција ветив дека ќе формираме едно Одделение за османлискиот период. Тоа денеска се реализира, со опрема што ја донира Агенцијата ТИКА, со која имаме одлични односи и добра соработка. Генерално, односите со Република Турција се на многу високо пријателско ниво и се надевам дека и понатаму ќе продолжи професионалната соработка во однос на размена на експерти и на дигитализирање на документите што се од османлискиот период и од поновата историја, додаде Крстески. Потпретседателот на Турската агенција за соработка и координација ТИКА од Република Турција, Махмут Чевик денеска изјави дека целта на Одделението е зачувување на архивите и нивно пренесување на идните генерации. -ТИКА  е организација која постои малку повеќе од 30 години, а 17 години има своја канцеларија во Северна Македонија. Со ова, се обидуваме да го зачуваме нашето заедничко наследство, нашата заедничка историја. Големите држави имаат свои архиви кои го покажуваат нивното богатсво. Ние сме должни да ги зачуваме овие архиви и да ги пренесеме до идните генерации. Сега првпат имаме можност да промовираме ваков значаен проект кој се реализира во рамки на нашата програма, која ја водиме во овој регион, со цел зачувување на документите кои потекнуваат од османлискиот период, рече Чевик. Тој додаде дека станува збор за прв ваков Оддел за средување и обработка на архивски материјал од османлиски период, во нашата држава, а како што рече, опремување и обновување на документите е извршено од страна на ТИКА, во соработка со претпоставените од Државниот архив. -Сите ние вложуваме во тоа да продолжи нашето пријателство, кое е започнато со осамостојувањето на Македонија. На денешната средба имавме можност да разговараме и да се увериме во тоа дека историјата зборува со документи, рече Чевик. Како што рече, ваква програма ќе се реализира и во Албанија, а постои интерес да се реализира и во Босна и Херцеговина. бт/ац/

Остани поврзан