Во Драчево започна реконструкцијата на коритото на реката Мала Рада
- Во рамки на теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ кои ги организира Министерството за локална самоуправа, делегација на Владата на Република Северна Македонија присуствуваше на почеток на реконструкција на потпорните ѕидови и регулирање на коритото на реката Мала Рада во село Драчево, Општина Кисела Вода.

Скопје, 7 март 2025 (МИА) – Во рамки на теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ кои ги организира Министерството за локална самоуправа, делегација на Владата на Република Северна Македонија присуствуваше на почеток на реконструкција на потпорните ѕидови и регулирање на коритото на реката Мала Рада во село Драчево, Општина Кисела Вода.
Според градоначалникот Орце Георгиевски станува збор за реконструкција на потпорните ѕидови и регулирање на коритото на реката Мала Рада во должина од 2,5 км и ширина 4 метри. Тој во обраќањето напомена дека уредувањето на речното корито било дамнешно барање од граѓаните, а за уредувањето на просторот, владата вложила 30 милиони денари.
- Во минатото ова место беше практично една база на отпад, но и дополнително, честопати се случуваше при надоаѓање на реката да бидат поплавени голем број на домови, да бидат загрозени многу граѓани, сето тоа сега оди во минатото, благодарение на Владата и претседателот на владата бидејќи почнавме денес со уредување на ова речно корито, рече Георгиевски.
Тој нагласи дека со дополнителен проект, односно втора фаза од овој проект, ќе се облагороди целиот простор во пешачка патека, со урбана опрема, осветлување. Посочи дека наскоро во општината ќе се реализираат уште два капитални проекти: целосно уредување и реконструкција на улицата Ѓорѓи Димитров во Кисела Вода, а во финална фаза е избор на најповолен изведувач за доградба на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода.
Вицепремиерот Изет Меџити, кој беше во Драчево, најави дека во периодот што следи, ќе има многу вакви и слични настани и ќе се разуверат оние кои не веруваа во тоа.
- Тие што не веруваа сега ќе видат дека секој втор, трет ден нови проекти. Бидејќи новата Влада ги исправа некои грешки од минатото, бидејќи децентрализацијата беше многу ниска во државава. Во минатото градоначалниците кога имаа идеи, проекти немаа буџет да ги реализираат, рече Меџити.
Премиерот Христијан Мицкоски искажа благодарност до членовите на владата општинскиот совет и локалната администрација што ја овозможиле реализацијата на овој проект, што според него ќе биде пристојно место за ноќни прошетки, за дневни прошетки, дружење. Мицкоски посочи дека вицепремиерот Изет Меџити се залагал за, како што рече, проекти коишто во минатото беа закочени од страна на поранешните министри во министерството за локална самоуправа.
- Тука станува збор за дополнителни 100 тина милиони евра, коишто ќе бидат распределени по општините преку министерството за животна средина. Така што веќе доаѓаме до една бројка од половина милијарда евра, нешто што е историски значајно. Нешто што до сега било невозможно, а сега се случува, рече претседателот на владата на РСМ, Христијан Мицкоски на настанот во Драчево. згм/дма/
Фото:Влада