Во делчевското село Вирче реализирани активности во рамки на проектот за подобрување на руралната патна инфраструктура
- За таа цел како што информираа од општината, рехабилитиран е општинскиот пат кон село Вирче во должина од 1000 метри кој поминува низ земјоделско обработливо земјиште
Делчево, 9 април 2022 (МИА) - Во Делчево реализирани се активности во рамки на проектот „Подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба на пристапни патишта во подрачја со земјоделска дејност и обработлива површина во Источен плански регион“. За таа цел како што информираа од општината, рехабилитиран е општинскиот пат кон село Вирче во должина од 1000 метри кој поминува низ земјоделско обработливо земјиште
- По теренот на кој се работеше, а кој е составен претежно од овоштарници и ниви, при поројни дождови беше оневозможено движењето со возила и со земјоделска механизација до земјоделското земјиште. Работите на рехабилитација се однесуваа на расчистување на трасата, машинско планирање и набивање на подтлото, ископ и уредување на земјени канавки и набавка, транспорт и изработка на тампонски слој од дробеник со набивање до потребна збиеност, информираа од општината.
Вкупната вредност на изведба на работите за рехабилитација согласно потпишаниот Договор помеѓу Центарот за развој на Источен плански регион и изведувачот СД Транс изнесува 1,5 милиони денари.
- Финансиските средства за реализација на овој проект се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, преку програмата за капитални субвенции за развој на планските региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2021 година, за чие искористување помеѓу Министерството за земјоделство, шумарставо и водостопанство и Центарот за развој на источниот плански регион беше склучен Договор за финансирање, посочија од општината.
За довршување на овој селски пат во должина од над 320 метри и негово поврзување со сообраќајната мрежа во село Вирче, Општина Делчево и Центарот за развој на Источен плански регион на 21 март 2022 година потпишаа Договор за заедничка реализација на активност Рехабилитација на селски пат во село Вирче во општина Делчево во износ од 487.457,00 денари обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. вс/фф/