• петок, 05 декември 2025

Во Делчево отворена самостојна изложба на уметникот Решат Амети

Во Делчево отворена самостојна изложба на уметникот Решат Амети

Делчево, 13 ноември 2025 (МИА) – Во Спомен-домот на АСНОМ во Делчево вечерва беше отворена самостојната ликовна изложба на Решат Амети, истакнат уметник со долгодишно присуство и значаен придонес во македонската и светската ликовна сцена. Изложбата е организирана од Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, со поддршка на Министерството за култура и туризам. 

Директорот на Центарот, Златко Начовски, истакна дека Делчево со гордост ја отвора изложбата на еден од најзначајните македонски современи уметници.

-Оваа изложба е резултат на долгогодишна соработка и пријателство со професорот Решат Амети. Неговите дела се претставувани во бројни земји низ светот – од Јапонија и Кина, преку Италија, Германија, Франција, до Австрија и Швајцарија. Секаде се препознаени по својот препознатлив израз, емоција и духовна длабочина. Денес, со особено задоволство можеме да кажеме дека уметничкиот свет на професорот Амети пристигна и во Делчево, изјави Начовски.

Тој додаде дека изложбата е значаен културен настан за градот и потврда дека Делчево е отворен простор за културен и уметнички развој.

Промотор на изложбата беше Климе Коробар, историчар на уметност и долгогодишен директор на Музејот на Град Скопје кој во своето обраќање се осврна на творештвото на Амети.

-Решат Амети е еден од најзначајните македонски уметници, професор и добитник на највисоката државна награда „11 Октомври“. Неговото сликарство не е одраз на површната реалност, туку на највнатрешните духовни состојби и мотиви. Во неговите дела се чувствува играта меѓу традицијата и современоста, светлината и мистиката, бојата и тишината. Тој ја пренесува хуманата благородност и духовната светлина што ја носи во себе, рече Коробар.

Авторот на изложбата Решат Амети се заблагодари за можноста да изложува во Делчево и за топлиот прием од публиката.

-Секој град има своја душа. Делчево ја има златната светлина што го исполнува просторот со духовна енергија. Уметноста постои само ако се сподели со луѓето. Духовната светлина е таа што не води – не само физичката. Каде и да одам, со себе ја носам Македонија, нејзините бои и нејзината душа, изјави Амети.

Изложбата ќе биде отворена во наредните денови во Спомен-домот на АСНОМ, а присутните имаа можност да уживаат во делата што ја претставуваат суштината на современото македонско ликовно творештво. вс/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан