• петок, 05 декември 2025

Во Делчево отворена изложбата „60 години творештво“ од уметникот Танас Дедов

Во Делчево отворена изложбата „60 години творештво“ од уметникот Танас Дедов

Делчево, 4 јуни 2025 (МИА) - Во организација на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ денеска во Делчево беше отворена ретроспективната изложба на уметникот Танас Дедов. Во рамки на изложбата беа претставени околу 30-тина дела од неговото творештво.

-Денешната ретроспективна изложба на Танас Дедов е насловена „60 години творештво“. Изложбата ќе биде отворена десет дена и отсега натаму сите кои сакаат ќе можат да ја посетат, истакна на отворањето директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски.

Делата кои се изложени, како што додаде авторот на изложбата, содржат приказни кои зборуваат самите за себе.

-Јас за овие слики нема да кажам ништо, бидејки тие ќе раскажат се што ве интересира, бидејки секоја слика ќе ја каже својата приказна или судбина, затоа што тие слики „зборуваат“ чист кристален македонски јазик. Најважно е што преку нив ќе го видите мој чист реализам, хипер реализам и надреализам, рече Дедов пред присутните.

Покрај мртвата природа, која ја вбројува како дел од неговото најзначајно творештво, Дедов додаде дека главна инспирација му е македонската етнографија, традицијата, фолклорот, идентитетот и се што потпаѓа под македонската култура. 

-Покрај мртвата природа имам многу направено и многу други изложжби на други теми. Имам направено голем број на слики за кои најмногу интерес има од нашите иселеници од западниот свет. Покрај тие слики најверојанто се чувствуваат поблиску во својата татковина, додаде Дедов.

Свое обраќање пред присутните имаше и стручниот соработник за ликовна дејност при установата Александар Белогаски, кој за авторот изрази пофални зборови околу неговата работа во техниките акрил и акварел. 

Изложбата „60 години творештво“ на Танас Дедов е поддржана од Министерството за култура и туризам. вс/мд/


Фото: МИА

 

 

Остани поврзан