• недела, 22 декември 2024

Во Дебрца отворен Изложбен центар за Белчишкото блато

Во Дебрца отворен Изложбен центар за Белчишкото блато

Охрид, 17 октомври 2024 (МИА) – Во дебрчкото село Белчишта денеска со свечена церемонија беше отворен Изложбениот центар со природнонаучна и етнолошка збирка за Белчишко блато.

Станува збор за активност реализирана во рамки проектот „Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во прекуграничната област” што Општина Дебрца го реализира со партнерите од Македонија и од Грција со средства од ИПА програмата за прекугранична соработка.

Со проектот е реконструиран и опремен стариот објект во центарот на село Белчишта, каде што е сместен Изложбениот центар.

Во Центарот преку текстови, фотографии и други содржини прикажани се многу сегменти од биодиверзитетот (флората и фауната) на Белчишкото блато, како најголем еко-систем од тој вид сочуван во својата оригинерна форма.

Градоначлникот на Дебрца, Зоран Ногачески, на свеченоста посочи дека со отворањето на Центарот општината добива уште еден атрактивен простор преку кој се репрезентира дел од природното богатство на Дебрца, како дел од светското природно наследство.

Тој ја искористи можноста да се заблагодари до Делегацијата на Европската унија во Македонија, која финансиски ја помогна реконструкцијата и опремување на објектот во кој е сместен Изложбениот центар.

- Благодарност и до Здружението за екологија и туризам ‘Екотуризам 2016’ од Охрид, што заедно со Општина Дебрца годиниве работеше на повеќе проекти за Белчишкото блато, од кои најзначајни се тие за изготвување на целокупната документација за оправданоста за прогласување на блатото за заштитено подрачје ,во категорија ‘Парк на природата”, постапка што е во тек“, рече Ногачески.

Инаку, екипи на „Екотуризам”, предводени од Ѓоко Зороски и екипа на Општината Дебрца заеднички работеа на креирање на сите содржини презентирани во Центарот.

Ногачески уште истакна дека крајната заложба е Изложбениот центар да биде дел од промовирањето на Белчишкото блато до сите засегнати чинители, како туристи, посетители, ученици, стручна јавност, а самото блато да го добие заштитениот статус и по националната регулатива и како идно европско заштитено подрачје, во рамките на програмата „Натура 2000“.

Како што посочи, обврска на сите чинители останува да се обезбеди негово одржливо управување, зачувување на неговиот заштитен статус, но и негово искористување како атрактивна туристичка дестинација. аб/цр

фото: Општина Дебрца

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан