• понеделник, 23 декември 2024

Во гимназиите во Дебарско, во прва година, запишани само 39 ученици 

Во гимназиите во Дебарско, во прва година, запишани само 39 ученици 

Дебар,  23 јуни 2022 (МИА) - Во двете пријавувања од првиот, јунски, уписен рок, во трите гимназии, колку што функционираат во дебарскиот поширок регион, во прва година запишани се само 39 ученици што значи од предвидената квота на 398 ученички места пополнети се само  9,8 отсто.  

- Врз основа на конкурсот на МОН, во нашата установа можност за упис во прва година имаат 272 ученика, во осум паралелки, од кои три со настава на македонски и пет на албански наставен јазик, сите гимназиска насока. Во двете пријавувања запишани се само 20 ученици, рече Рамадан Имери, директор на дебарската гимназија „28 ноември“.  

Во гимназијата „АТА“ во Центар Жупа, според директорот Сабри Асан, квотата за упис во прва година е 68 ученици, односно по една паралелка со настава на македонски и една на турски наставен јазик а се запишани 10 ученици. 

-Во прва година право на упис, во СОУ „Маврово-Ростуше“ во Ростуше, имаат 68 ученици, во две паралелки, сите на мајчин македонски јазик. Во двете пријавувања запишани се девет ученици, вели Харис Беќири, педагог во гимназијата Маврово-Ростуше“ во Ростуше, седиште на општина Маврово и Ростуше. 

И тројцата за МИА го изнесуваат ставот дека една од причините за слабиот одзив на ученици е електронското аплицирање за упис, што не секој може да го направи. 

-Освен масовната миграција на населението од нашиот крај, поради која имаме се помалку деца во училиштата, овој пат за слабиот одѕив причина е електронско аплицирање. На утрешната средба со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, ќе му го предочам овој проблем и ќе побарам пријавувањето да биде според стариот начин, односно лично во установите, посочи Имери.  

Во трите училишта се надеваат на поголема бројка на ученици во третото пријавување што е на 28 месецов, како и во августовскиот уписен рок, бидејќи дел од учениците кои не успеале да се запишат во некое друго средно стручно училиште во земјава, се пријавуваат за упис во родното место. вт/сст/

 

Остани поврзан