• понеделник, 23 декември 2024

Во Велес спортски игри на деца со попреченост од училиштата во земјава

Во Велес спортски игри на деца со попреченост од училиштата во земјава
Велес, 30 март 2022 (МИА) - Шеесет и пет ученици со попреченост од седум основни и три средни училишта од земјава денеска учествуваа на пролетните спортски игри кои се одржаа во Спортската сала „Гемиџии“ во Велес, организирани од страна на Федерација на училишен спорт и ОУ со Ресурсен Центар „Маца Овчарова“ од Велес. Учениците уживаа во вкупно пет спортски игри - мал фудбал, кошарка, атлетика, тробој и пинг-понг. Претседателот на Комисијата за ученици со посебни потреби при Федерацијата на училишен спорт Станислав Мирчевски, посака учениците да имаат убаво спортско дружење од кое ќе понесат убави спортски спомени и ќе посакаат повторно да се дружат. - Учениците денеска нема да се натпреваруваат, ова се спортски игри во кои ќе можат да земат учество сите ученици без докажување, едноставно да уживаат во играта. Имаме пет игри на посебни полигони, првиот полигон е фудбалска игра – мал фудбал, потоа кошарка три на три, баскет, атлетика, тробој дисциплина кој се содржи од три дисциплини и тоа скок во далечина од место, трчање на 50 метри и фрлање ѓуле, секако имаме и полигон пинг-понг. Ова се пет станици на кои работиме во кружен систем, со цел секој учесник да покаже што знае и умее во сите тие пет дисциплини, појасни Мирчевски. Тој потенцира дека спортските игри се убава можност учениците да ги искажат своите можности и способности и да научат нешто повеќе, Игрите за отворени ги прогласи Мирјана Петрушевска Дамњановиќ, директор на ОУ со Ресурсен центар „Маца Овчарова“, домаќин на игрите. Инаку во Федерација на училиштен спорт, училиштата со посебни потреби станале дел од пред три години, но поради пандемијата постоеше прекин, а по пауза од две години ова се втори организирани спортски игри. Учениците во текот на следната недела ќе учествуваат  на спортски игри во Македонски Брод, а на 13, 14 и 15 мај во Охрид ќе учествуваат на Државно првенство. ад/мс/

Остани поврзан