Во Велес општински натпревар по прва помош за основци и средношколци
- Во паркот на Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес денеска се одржа традиционалниот општински натпревар кој го организира Општинскиот Црвен крст во соработка со училиштата, на кој учество земаа вкупно осум екипи, односно по четири екипи од основните и од средните училишта од градот.

Велес, 23 април 2025 (МИА) - Во паркот на Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес денеска се одржа традиционалниот општински натпревар кој го организира Општинскиот Црвен крст во соработка со училиштата, на кој учество земаа вкупно осум екипи, односно по четири екипи од основните и од средните училишта од градот.
Кај основците првопласирана беше екипата на ООУ „Блаже Конески“, а кај средношколците на ОСУ Гимназија „Кочо Рацин“. Овие две екипи се пласираа за учество на Државниот натпревар по прва помош.
Кај основците втора беше екипата на ООУ „Панко Брашнаров“, трета на ООУ „Свети Кирил и Методиј“, а четврта екипата на ООУ „Васил Главинов“. Кај средношколците втора е екипата на ССОУ „Димитрија Чуповски“, трета на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“, а четврта на ОСУ „Јовче Тесличков“.
Д-р Владо Хаџи Наумов од оценувачката комисија на натпреварот, кој е долгогодишен активист на Црвениот крст, работеше во службата на Брза помош, а сега во пензија, за МИА потенцира дека ваквите натпревари, односно познавањето на првата помош е многу важно за сите ученици да знаат да пружат прва помош во некоја несреќа и да спасат нечиј живот, додека се чека да дојде медицинската екипа.
-Ме радува што е се поголем бројот на учениците кои се интересираат да ги совладаат и успешно ги совладуваат техниките за давање на прва медицинска помош при разни несреќи. На натпреварите внимателно го следам секој нивни чекор и им укажувам ако има некоја грешка и како е правилно да се изведе давањето на првата помош. Најважно е да знаат правилно да укажат прва помош и со тоа да спасат нечиј живот, посочи д-р Хаџи Наумов.
Тој потенцира дека преку Општинскиот Црвен крст Велес континуирано секоја година држат предавања и обуки за наставниците во училиштата и воспитувачките во градинките да знаат и веднаш да укажат прва помош при разни повреди на децата за време на престој во градинка и училиште. Воедно држат и едукативни предавања и обуки за возрасните преку месните заедници и со пензионерските здруженија, како и курсеви за обука за идните возачи.
Учениците учесници на натпреварите за МИА, потенцираат дека многу се важни овие натпревари да научат да даваат прва помош која за нив е многу важна да спасат нечиј живот при повреда.
Ученичките Александра Станојковиќ, Александра Кочевска и Јована Димковска кои беа членови на една од екипите искажаа задоволство од организирањето на овој натпревар. Според нив, најзначајно е да се знае правилно да се даде прва помош.
-Не е важно само да земеме диплома, важно е да научиме да даваме правилно прва помош. Најважно е секој човек да знае да дава правилно прва помош и така да спаси нечиј живот при разни несреќи во секојдневието, потенцираа тие.
Им порачаа на сите ученици и возрасни да научат правилно да даваат прва помош и со тоа да помагаат на настраданите во разни несреќи во секојдневието. ад/вј/
Фото: МИА