• понеделник, 23 декември 2024

Во Велес одбележан Светскиот ден на поезијата - 21 март

Во Велес одбележан Светскиот ден на поезијата - 21 март

Велес 19 март 2021 (МИА) - Локалната библиотека „Гоце Делчев“ - Велес и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, во просториите на медиотеката, денеска со поетско читање го одбележаа претстојниот  Светски ден на поезијата - 21 март, свој настап имаа осум велешки поети.

Гордана Васковска, в.д директор на библиотеката, во своето воведно излагање потенцира дека Денот на поезијата е празник кој не е важен само за поетите, туку и за читателите, бидејќи овие креации живеат во душата на секоја личност.

- Поезијата е одраз на слободата, моќта на говорот и составен дел од културата на секоја нација. Затоа, секоја држава, нација и култура, треба да стори сè за да ја поттикне поезијата и да нè потсети да не заборавиме дека поезијата е нашата заедничка културна животна сила. Поезијата е боја која помага да се наслика нашиот живот со живописни бои. Светскиот ден на поезијата е покана да се размислува за моќта на јазикот и развојот на креативните способности на секој човек. Една од целите да се подржи јазичната разновидност и да им се даде подршката на малите издавачи. Честитки за сите поети од Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, со желба за поголеми успеси и нивна афирмација, порача Васковска 

На настанот, свои стихови читаа велешките поети: Лили Арсова, Светлана Далевска, Нада Алексова, Соња Гаврилова, Марина Стојанова, Божидар Јовиќ, Родна Јанчева и Вероника Саздова, кои испратија порака во чест на Светскиот ден на поезијата.

Секоја година 21 март е резервиран за одбележување на три големи настани. Денот на пролетта, денот на екологијата и Светскиот ден на поезијата.

Со цел да се сврти вниманието на јавноста кон поезијата, како уметност целосно отворена за луѓето, на 30-тата седница на УНЕСКО, во 1999-та година во Париз, било одлучено Светскиот ден на поезијата да се слави на 21 март секоја година. Македонија се  приклучи во славење на поезијата со книжевни собири од кои авторите испраќаат пораки. ад/ар/

Остани поврзан