Во Бугарија дводневен форум на министрите за одбрана од Југоисточна Европа
- Во Софија денеска и утре ќе се одржи годишен состанок на министрите за одбрана во СЕДМ формат, Процес на состаноци на министрите за одбрана од Југоисточна Европа, соопшти прес-центарот на буг
Софија, 17 ноември 2022 (МИА) - Во Софија денеска и утре ќе се одржи годишен состанок на министрите за одбрана во СЕДМ формат, Процес на состаноци на министрите за одбрана од Југоисточна Европа, соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за одбрана.
Домаќин на форумот е вршителот на должноста министер за одбрана на Бугарија, Димитар Стојанов.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, средбата се организира во рамките на бугарското претседателство со СЕДМ.
Ротирачкото претседателство е под раководство на заменик министерката Теодора Генчовска, која ќе биде модератор на форумот.
Меѓу учесниците се и министрите за одбрана на Романија, Грузија и Молдавија, како и претставници на министерствата за одбрана на земјите-членки. Северна Македонија ќе ја претставува државниот секретар на Министерството за одбрана на земјата.
На средбата во Софија ќе се разговара за натамошен развој на Процесот, како и за актуелни прашања од регионалната соработка во безбедноста и одбраната. Форумот оваа година ќе се одржи во знакот на војната во Украина.
Процесот СЕДМ е воспоставен во 1996 година како ефикасен механизам за зајакнување на регионалната безбедност и еден од најважните форуми за регионална соработка во безбедноста и одбраната. Бугарија има ротирачко претседавање со СЕДМ на две години до 2023 година. нк/паг/