• вторник, 24 декември 2024

Во Битола завршува „Интерфест“ – фестивал на класична музика

Во Битола завршува „Интерфест“ – фестивал на класична музика

Битола, 11 октомври 2024 (МИА) - Со концерт на францускиот пијанист Бертран Жиро и во придружба на битолскиот Камерен оркестар, вечер завршува 33. издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“.

Фестивалот завршува со голем и светски почитуван уметник, пијанистот Жиро кој ќе изведе дела од Хајдн и Моцарт, а утре на барање на учениците и наставници од Државното музичко училиште во Битола, Бертран Жиро ќе одржи мастер клас по пијано, изјави за МИА, Кирил Рибарски, директор на „Интерфест“.

-Годинава за жал фестивалската програма ја скративме бидејќи не ги добивме очекуваните финансиски средства од институциите кои долги години го помагаа фестивалот. Ако во меѓувреме продолжи финансиската неизвесност, тогаш незнаеме како догодина ќе се организира и со каква програма ќе биде „Интерфест“. Фестивалот е препознатлив во светот и уметниците не ги интересираат домашните проблеми и во таква ситуација за нас тешко ќе биде да организираме фестивал. Во оваа прилика сакам да посочам дека на сметка на недоволната институционална, добиваме граѓанска поддршка како што тоа на пример го прави Фанија Мемца која неколку години доброволно директно го помага фестивалот. Всушност таа поддршка овозможи да не пропаднат некои од предвидените концерти и за оваа година, изјави Рибарски.

Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ годинава беше домаќин на уметници од Италија, Финска, Србија, Босна и Херцеговина, Австрија, Шпанија, Иран, Швајцарија, Франција и Северна Македонија.

-Сите концерти беа извонредени, незаборавни. Посебно импресивен беше настанот „Подиум на млади пијанисти“ со ученици од Државното музичко училиште кои утре ќе бидат заедно со Бертран Жиро, реномиран солист, камерен музичар, еден од врвните умови на денешнината, уметник кој бил член на жири комисии на престижни натпревари по музика, посочи Рибарски.

Свеченото затворање на „Интерфест“ ќе почне во 20 часот во битолскиот Офицерски дом. мт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан