• петок, 22 ноември 2024

Во беровско Русиново започна манифестацијата Илинденски видувања, Вршник 2024

Во беровско Русиново започна манифестацијата Илинденски видувања, Вршник 2024

Берово, 2 август 2024 (МИА) - Во беровското село Русиново започна манифестацијата Илинденски видувања - Вршник 2024. Настанот од минатата година со поддршка на општествено одговорната компанија Зегин и здружението „Малешевци за Малешевијата“ беше возобновен, а главна негова цел, како што истакна стопанственикот Благој Механџиски кој потекнува од Русиново е жителите под паролата „За Илинден кај и да си, во Русиново да си“ повторно да се соберат на сретсело.

-Илинден се слави насекаде во државата и во Беровско и токму тоа е целта, секој на свој начин да го прослави Илинден кој е еден од најголемите македонски празници. За добро расположение на присутните подготвивме разновидна програма со настап на Игор Џамбазов, познати македонски фолк ѕвезди, потоа од забавните изведувачи тука е Андријана Јаневска и многу други, истакна Механџиски.

Настанот е збогатен со изложба на старо оружје, детски фестивал, присуство на коњаница и други содржини, одбрани да го задоволат музичкиот вкус на присутните.

-Како што некогаш било во Русиново кога херојот Никола Петровски Русински се борел имаме и коњаница која ќе продефилира низ селото, додадоа од здружението „Малешевци за Малешевијата“.

Во рамки на Илинденските видувања се одржува и придружната манифестација Вршник која има за цел да ја презентира богата малешевска традиционална храна, а е со хуманитарен карактер. вс/вј/

 

Фото: МИА

Остани поврзан