• петок, 05 декември 2025

Во беровското село Русиново се одржува манифестацијата „Илинденски видувања – Вршник 2025“

Во беровското село Русиново се одржува манифестацијата „Илинденски видувања – Вршник 2025“

Берово 2 август 2025 (МИА) – Во беровското село Русиново синоќа почна традиционалната културно-хуманитарна манифестација „Илинденски видувања – Вршник 2025“, која се организира по повод националниот празник Илинден. Настанот годинава се одржува во духот на пријателството и меѓународната соработка, при што беше оддадено посебно признание за ангажманот и поддршката на словенечките пожарникари, кои континуирано даваат хуманитарен придонес во регионот.  

На синоќешната прва вечер од манифестацијата, пред голем број посетители настапија познати музички имиња – рок легендата Дадо Топиќ, како и фолк изведувачите Спасен Силјаноски и Василиа Петрова.  

Манифестацијата продолжува денеска со саемот „Вршник“, кој има за цел промоција на традиционалните малешевски производи и занаети. 

-Саемот е со продажен карактер, а собраните средства ќе бидат насочени во хуманитарни цели.  Вечерва публиката ќе има можност да ужива во втората вечер на настанот, со настапи на Спасен Силјаноски, Анета Арсовска, Методија Столески, како и повеќе локални музички групи и изведувачи, истакнаа организаторите.

Организаторите истакнуваат дека „Илинденски видувања – Вршник“ не само што го одбележува големиот празник, туку претставува симбол на културно паметење, заедништво и солидарност. Главен покровител на настанот е Зегин, а одржувањето на настанот е потпомогнат од иселеници во странство. вс/фф/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан