• среда, 25 декември 2024

Во Берово во тек обуки за ангажираните во проектот за Општинско корисна работа

Во Берово во тек обуки за ангажираните во проектот за Општинско корисна работа
Берово, 15 јануари 2020 (МИА) - Во рамките на проектот за Општинско корисна работа, вкупно девет лица во Берово ги започнаа обуките за нега на стари и изнемоштени лица и лица со попреченост. Обуките, како што информираа од општината, се покриени финансиски од УНДП.
-Вкупно осум од овие лица ќе се обучуваат за нега на стари лица во домашни услови и едно лице за негувател на лице со попреченост. Обуките се финансиски покриени од страна на УНДП, а изведувач на обуките е овластена фирма Поли Проект од Штип, информираа од општината.
Општина Берово, како што додадоа, реализира два проекта од Програмата за општинско корисна работа од кои, едниот е во рамки на проектот „Солидарност во заедницата” , а вториот кој се реализира со поддршка од Швајцарската агенција за развој и УНДП е насловен „Од акција до еднакви можности".
-Со овие проекти се опфатени долгорочно невработените лица, кои се корисници на ГМП, млади лица невработени, лица со попреченост, лица припадници на ромската етичка заедница, самохрани родители и други.
Ангажираните невработени лица во рамки на овој проект ќе продолжат со тековните активности, во рамки на планираните проектни цели, согласно работните задачи и квалификациите и занимањата за кои се ангажирани, додадоа надлежните.
Градоначалникот на општината, Звонко Пекевски, покрај работното искуство со кое ќе се стекнат кандидатите, очекува тие да добијат и теоретско знаење, да стекнат поголеми знаења и вештини, како и сертификати кои ќе им помогнат за полесно вклучување и конкурентност на пазарот на труд.
-Продолжуваме и во текот на 2020 година, активно да ги користиме мерките од оперативните програма и мерките за самовработување, преку АВРСМ, а во рамки на Владата на РСМ, со единствена цел, да го подобруваме животот на сите граѓани од општина Берово, истакна Пекевски.
Обуките ќе се одвиваат во следните два месеци, по што лицата вклучени во реализацијата на Општинско корисна работа ќе се стекнат со сертификат. вс/ир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан