• четврток, 16 мај 2024

Во Археолошкиот музеј отворена изложбата „Сребрена Тракија“

Во Археолошкиот музеј отворена изложбата „Сребрена Тракија“

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - Изложбата „Сребрена Тракија“ е значаен чекор напред во веќе воспоставената соработка меѓу нашата земја и Бугарија, за зачувувањето на културното наследство кое истовремено е и заедничка европска вредност. Поставените дела се непроценливо сведоштво за денешната историја на дел од Европскиот континент. Ова беше посочено денеска за време на отворањето на изложбата во Археолошкиот музеј во Скопје, и истата е прво целосно претставување на тракиската култура во нашата држава. 

Изложбата е резултат на соработката меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија. Во рамки на оваа соработка, минатиот месец во Софија беше отворена и изложбата „105 години Требеништа“.

Изложбата „Северна Тракија“ е поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија и од Министерството за култура на Република Бугарија, а покрај ексклузивните археолошки предмети од Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, содржи и наоди од 17 историски и регионални музеи во Бугарија.

Според министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која е покровител на настанот, ваквите изложби се дел од европски вредности кои претпочитаат реално запознавање и читање на фактите од минатото, како и соочување со фактот дека историјата не се буди по потреба, туку се учи за да не разбуди.

-Тракијците важеле за исклучително воинствени и безмилосни племиња, но таа нивна темна страна денеска ја засенува блесокот на уникатната обработка и уметничка изработка на тракиското сребро и другите артефакти што се изложени сведочат за едно високо ниво на естетика во време на свирепост.  Впрочем Херодот ќе напише: „Тракијците би биле најмоќни од сите други племиња да немале една кобна фалинка во својот карактер – обожавале меѓусебно да се борат и да се во постојан конфликт“. И во тоа е суштината на вредностите што како научена лекција во овој век треба да ги споделуваме – да соработуваме, да се почитуваме и да го ползуваме најдоброто од минатото како културна вредност, додаде денеска министерката во своето обраќање.

Како што посочи, ваквите изложби се придобивка за сите. Сиот вложен труд и време во нив, потенцираше, се ништо во споредба со големото нешто што останува како траен впечаток.  

Министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев во обраќањето денеска посочи оти е уверен дека со поставените експонати се претставува минатото, а за во иднината останува сплотување меѓу народите за претставување на нивната култура и се надева на продлабочување на ваквите соработки.  

-Поставените експонати докажуваат дека меѓу нас постои волја за ново зближување и добра соработка. Овие настани говорат за сплотување на народите преку нивните култури но и развој на културите во ЕУ. Изложбата претставува еден вид на зближување меѓу луѓето и претставување на нашето големо културно богатство, рече Крастев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека овој настан претставува значаен чекор напред во веќе воспоставената соработка за зачувувањето на културното наследство кое истовремено е и заедничка европска вредност.

-Имајќи на ум дека ова спаѓа во главните приоритети на нашата надворешна политика мене ми преостанува само да кажам дека треба уште повеќе да ги зајакнувате културните мостови на соработка кои се најблагородниот начин на градењето на вистински и цивилизирани односи во регионот и пошироко. Нека биде ова уште еден настан на охрабрување, на верба и надеж во подобра иднина за сите нас, рече Џафери во своето обраќање.

Претседателот на бугарското Собрание Росен Димитров Жељазков во обраќањето напомена оти на овој начин уште повеќе се докажува дека постои согласување меѓу двата народа и потенцираше оти треба да постои емпатија и продлабочување на добрите односи меѓу двете земји, а не разединување .

-Треба да има емпатија, а не разединување. Треба да има продлабочување на добрите односи помеѓу двете земји, за да може да се движиме заеднички напред и да помагаме кон вашето членство во ЕУ, за доброто на нашите идни генерации, додаде Димитров Жељазков.

Директорката на Археолошкиот музеј Славица Бабамова посочи дека Тракиската материјална култура е нешто што ќе не обедини и што ќе ја продолжи заедничката работа меѓу Археолошкиот музеј во Скопје и Националниот археолошки институт со Музеј при Бугарската академија на науките.  

-За Тракијците се знае уште од времињата на Хомер. Секој од нас, читајќи ги пишаните извори кои доаѓаат од антиката, има некоја своја претстава за Тракијците, меѓутоа искрено се надевам дека оваа изложба ќе допре до секој од нас, рече во обраќањето Бабамова.

Директорот на Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија, Христо Попов на отворањето на оваа изложба рече дека истата е голем успех за сите нас.

-Желбата беше одамна да направиме една ваква изложба за која што е потребен многу труд и време, но ете успеавме и јас сум пресреќен денеска што присуствувам тука, рече Попов.бт/aa/

Фото/МИА

 

Остани поврзан