„Ворнер Брос“ ја најави најголемата „Хари Потер“ студиска турнеја, планирана за во Шангај
- Минатиот октомври, сите осум „Хари Потер“ филмови беа повторно прикажани во Кина, во 3.400 киносали, во 295 градови, за осум недели.
![„Ворнер Брос“ ја најави најголемата „Хари Потер“ студиска турнеја, планирана за во Шангај](https://mia.mk/images/20250212095320_big_730x400_68.webp )
Шангај, 12 февруари 2025 (МИА) - Американската филмско-телевизиска продукциска компанија „Ворнер Брос“ планира да ја отвори најголемата студиска турнеја посветена на филмовите „Хари Потер“, во Шангај, Кина, во 2027 година.
Овој заеднички проект со кинеската компанија „Џинџанг интернационал“ сѐ уште чека одобрение од регулаторните органи, според соопштението. Финансиските подробности не се соопштуваат. Минатиот октомври, сите осум „Хари Потер“ филмови беа повторно прикажани во Кина, во 3.400 киносали, во 295 градови, за осум недели. Студиото, инаку, претходно организираше „Хари Потер“ турнеи и во Токио во 2023 година. Трошоците во јапонската престолнина тогаш изнесуваа околу 115 милиони долари.
Според „Блумберг“ плановите за Шангај се јавуваат во време кога Кина се соочува со економски проблеми, па Пекинг реагира со обид да ја стимулира домашната потрошувачка, и соработката со „Ворнер Брос“ е дел од сѐ тоа.
Кина веќе има една атракција со назив „Волшебничкиот свет на Хари Потер“, отворена во Пекинг во 2021 година. За разлика од традиционалните возења во забавен парк, турите во овој забавен парк вклучуваат изложба за снимањето на филмовите, реконструкции на познати сцени и слично.
Најавеното студио „Ворнер Брос“ во Шангај биде речиси четирипати поголемо од оригиналното.
Инаку, првата ваква студиска турнеја беше отворена во Лондон во 2012 година, во студиото каде што се снимаа филмовите.
Серијалот „Хари Потер“ се прошири со поврзаната приказна „Фантастични ѕверки“, којашто е, всушност, претпродолжение. Во меѓувреме, се работи и на нова серија „Хари Потер“ што ќе се прикажува на платформата „Макс“ од 2026 година, а снимањето треба да почне ова лето. си/
Фото: МИА архива