• петок, 22 ноември 2024

Вонредна седница на францускиот Совет за одбрана поради случајот Пегаз

Вонредна седница на францускиот Совет за одбрана поради случајот Пегаз
 Париз, 22 јули 2021 (МИА) - Претседателот на Франција Емануел Макрон денеска закажа вонредна седница на Советот за одбрана поради истрага за случајот Пегаз. Макрон вчера побара серија истраги за случајот со израелскиот шпионскиот софтвер Пегаз. Претходно, францускиот дневен весник Ле Монд објави дека телефонот на Макрон е на списокот на мароканска разузнавачка агенција, со цел да се изврши надзор со помош на шпионскиот софтвер Пегаз. Според информациите, телефонските броеви на претседателот, како и на тогашниот премиер Едуард Филип и на уште 14 министри биле избрани за можен надзор со шпионскиот софтвер. Елисејска палата соопшти дека доколку откритијата за телефонот на Макрон се вистина, тоа би била многу сериозна ситуација и надлежните органи ќе испитаат се за да го расветлат случајот, се наведува во извештајот. Илјадниците следени лица ширум светот биле шпионирани од влади на различни земји користејќи ги нивните Ајфони или Андроид телефони. Истрагата на Гардијан, Вашингтон пост, Ле Монд и 16 други медиуми откри дека шпионскиот софтвер Пегаз на НСО Груп може да ја вклучи камерата или микрофонот на телефонот и да украде податоци од апаратот без знаење на сопственикот. Пегаз може да се инсталира од далечина без да треба да се наведува корисникот да го преземе, а откако ќе се вклучи, телефонот ефикасно се шпионира. Може да обезбеди пристап до апликации како што се ВацАп, Телеграм и Сигнал, е-пошта, текстуални пораки, Џи-Пи-Ес податоци и листата со контакти на телефонот. Пегаз им овозможува на оние што ја следат целта не само да го следат објектот и да откриваат со кого разговара и за што, туку и да имаат пристап до компромитирачки слики и информации со кои можат да уценуваат или малтретираат. ми/

Остани поврзан