• понеделник, 23 декември 2024

Вондра: ЕЦР не планира да и даде на Фон дер Лајен „бланко чек“ за нов мандат во ЕК пред европските избори

Вондра: ЕЦР не планира да и даде на Фон дер Лајен „бланко чек“ за нов мандат во ЕК пред европските избори

Брисел, 13 мај 2024 (МИА) - Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), благо евроскептична и антифедералистичка политичка групација во Европскиот парламент, нема намера да и вети поддршка на сегашната претседателка Урсула фон дер Лајен за таа да остане на чело на Европската комисија, вели чешкиот европратеник Александар Вондра.

„Што се однесува до Урсула фон дер Лајен, таа е кандидатот на Европската народна партија (ЕПП). Ние во ЕЦР сè уште не и дадовме бланко чек во таа смисла и не планираме да го сториме тоа пред (европските) избори“, изјави Вондра за чешки Евроактив.

Кога станува збор за одлучување за насоката на идната Европска комисија и нејзиниот состав, рече дека е потребно да се чека исходот од изборите за Европскиот парламент, кои ќе се одржат од 6 до 9 јуни.

Сепак, како што се приближуваат изборите, Вондра смета дека Фон дер Лајен се движи кон десничарски позиции. Тој смета и дека Европската комисија треба да се промени за да биде „помалку револуционерна, помалку бирократска и помалку идеолошка“.

За својата кандидатура за нов мандат на чело на ЕК, Фон дер Лајен мора прво да ја добие поддршката од лидерите на земјите членки, а потоа и одобрението од Европскиот парламент, што според Еуроактив ќе биде тешка задача. паг/

Фото: Фејсбук

 

 

Остани поврзан