• понеделник, 23 декември 2024

Во Крушево се означува почетокот на проектот за прекугранична соработка со Елбасан од Албанија

Во Крушево се означува почетокот на проектот за прекугранична соработка со Елбасан од Албанија
Крушево, 10 февруари 2022 (МИА) - Во дводневна посета на Крушево е претставникот на делегацијата на ЕУ во нашата земја, Фрек Јанмат. Заедно со крушевските градски власти и со гости од Елбасан, Албанија, преку презентација, се означува почетокот на големиот тригодишен проект за прекугранична соработка на Крушево со Елбасан од Албанија: „Крушево и Елбасан - призната туристичка дестинација“. Јанмат го посети полетувалиштето за параглајдеристи на Мечкин Камен кое е дел од проектот. Како што вели крушевскиот градоначалник Томе Христоски, Крушево се насочува кон развојот на туризмот. - Посетата на претставникот на Делегацијата на ЕУ на Крушево го означува почетокот на уште еден проект од туризмот финансиран од ЕУ. Заедно констатиравме дека општина Крушево нема друга опција, освен да користи средства од фондовите, рече Христоски. Во Крушево денеска се презентираше проектот, финансиран од ЕУ, со кој во наредните 36 месеци крушевската локална самоуправа ќе ги реализира проектите за изградба на паркинг на полетувалиштето за параглајдеристи на Мечкин Камен, поставување две мерни станици, оспособување на патека за „даунхил“ и лед осветлување на градот. Освен тоа со проектот се предвидени и заедничка промоција на Крушево и на Елбасан со посета на саеми, консолидирана интернет промоција, како и поддршка и промоција на угостителскиот сектор. Во текот на вчерашниот ден, Фрек Јанмат и крушевскиот градоначалник Христоски направија увид на реконструираната спортска сала на Гумење, која со 200 000 евра е дел од повеќегодишниот проект за локална и регионална конкурентност, финансиран од ЕУ.ем/фф/

Остани поврзан