• недела, 26 јануари 2025

Вокер до крајот на сезоната ќе игра како позајмен во Милан, потврдија клубовите

Вокер до крајот на сезоната ќе игра како позајмен во Милан, потврдија клубовите

Милано, 24 јануари 2025 (МИА) - Капитенот на Манчестер Сити, Кајл Вокер му се приклучи на италијанскиот гигант Милан на позајмица до крајот на сезоната, соопштија денеска двата клуба. Милан појасни дека во договорот е вклучена и опција за купување на десниот бек, кој исто така е и англиски репрезентативец. Дополнително, телевизијата „Скај Италија“ прецизираше дека станува збор за откупна клаузула во износ од 4,2 милиони фунти. 34-годишниот ветеран има 319 настапи за Сити, а последен пат настапи во победата над Вест Хем на 4 јануари.

За зделката се зборуваше во различни медиуми најмалку пет дена, а денеска и официјално беше потврдено од двете страни кои го разменија дефанзивецот. Вокер не беше вклучен во составот за натпреварот против Салфорд Сити во ФА Купот, кој беше добиен со 8-0, а по неговото завршување, менаџерот на клубот Пеп Гвардиола изјави дека „дефанзивецот сакал да се проба во странство“.

Тој пристигна во Манчестер во 2017 година од Тотенхем и има уште 18 месеци од актуелниот договор, откако го потпиша своето последно тригодишно продолжување во 2023 година. Вокер беше вклучен во сите шест триумфи на Сити во Премиер лигата под водство на Гвардиола, но заминува во услови на лоши резултати за англискиот шампион, кој е во опасност да биде елиминиран од Лигата на шампионите по поразот од Пари Сен Жермен со 4-2. Сити е петти на табелата во Премиер лигата, со 12 бода помалку од лидерот Ливерпул, кој има натпревар помалку.

Вокер има 93 натпревари за националниот тим и беше единствениот играч на Англија именуван во тимот за Евро 2024 откако играше секоја минута во Германија. Таму, Англичаните останаа на второто место зад Шпанија, но го повторија истото достигнување од Евро 2020, Тоа се двата најсериозни резултати за тимот од 1966 година. дс

Фото: Х/Милан

Остани поврзан