• петок, 17 април 2026

Возач на камион под дејство на алкохол предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета кај Солун

Возач на камион под дејство на алкохол предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета кај Солун

Атина, 16 април 2026 (МИА) – Сообраќајна несреќа со материјална штета предизвикал македонски државјанин – возач на камион на регионалниот пат Солун – Калохори, кој возел под дејство на алкохол, бил уапсен, изведен пред суд и осуден на затворска казна од 15 месеци со можност за откуп, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, 49-годишниот возач, државјанин на Северна Македонија сообраќајната несреќа ја предизвикал вчера, а при направениот алкотестот било утврдено дека консумирал алкохол над дозволеното ниво, 0,76 и 0,78 милиграми на литар воздух.

Денеска, бил изведен пред Судот за прекршоци во Солун каде што бил прогласил за виновен за опасно возење и возење под дејство на алкохол и осуден на 15 месеци затвор со можност за откуп, а било одлучено казната да се претвори во парична – по 10 евра дневно.

Против пресудата, како што објави АНА-МПА, поднел жалба и бил пуштен на слобода.

- Го закачив ретровизорот на паркирано возило додека поминував. Жал ми е, но не можам да го вратам времето назад, рекол, според АНА-МПА во својата одбрана 49-годишниот возач на камион. ср/са/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан