• недела, 22 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Советот на јавни обвинители да престане со кршење на законот и веднаш да ја отповика Душица Димитриеска од УО на Академијата

ВМРО-ДПМНЕ: Советот на јавни обвинители да престане со кршење на законот и веднаш да ја отповика Душица Димитриеска од УО на Академијата

Скопје, 4 ноември 2024

Советот на јавни обвинители по стапките на Судскиот совет. Пред два дена објавивме како Судски совет изврши директен упад во Академијата за судии и јавни обвинители, сега веќе сведочиме дека истото го направил и Советот на јавни обвинители.

Наместо за член на Управниот одбор на Академијата да предложи и назначи член од редовите на обвинителите, советот ја назначил неговата претседателка, Душица Димитриеска.

Ова е класичен упад во Академијата за судии и јавни обвинители и флагрантно кршење на законските норми. Во член 44 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси јасно е прецизирано дека се забранува избрано или именувано лице да биде во орган на управување во државен орган или правно лице кое располага со државен капитал.

Претседателката на Советот на Јавни обвинители, во случајов Душица Димитриеска, е именувано лице и истата не смее да биде и во УО на Академијата која што треба да ги произведе идните генерации на судии и обвинители.

Освен што е направен директен упад и флагрантно кршење на законот, во случајов со назначувањето на Димитриеска за член на УО на Академијата мириса и на политичка замешаност од опозициската СДС.

Имено, претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска е мајка на Ема Нешкоска која е член на Советот на општина Гостивар и која на последните парламентарни избори во мај беше кандидат за пратеник од редовите на СДС.

Со ваквиот начин на работа, вршејќи упади во независни институции кршејќи ги законите, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители дополни го уриваат имиџот и довербата на граѓаните во правосудните органи.

Да не се чудиме после зошто и таа ниска доверба од граѓаните од само 2%, може дополнително да се намали. Затоа е потребна итна реакција и одговорност и го повикуваме Советот на јавни обвинители да престане да го крши законот и веднаш да го отповика својот предлог, Душица Димитриеска од член на УО на Академијата.

 

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан