Влада: Владиниот авион е користен во согласност со прописите, опозицијата шири хипокризија и сензационализам
- Владиниот авион е користен во согласност со прописите, а секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола и ние немаме што да криеме, порача денеска Владата оценувајќи дека и опозицијата шири хипокризија и сензационализам.
Скопје, 17 февруари 2026 (МИА) - Владиниот авион е користен во согласност со со прописите, а секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола и ние немаме што да криеме, порача денеска Владата оценувајќи дека и опозицијата шири хипокризија и сензационализам.
- Јавно и недвосмислено укажуваме дека владиниот авион е користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење, во согласност со правилникот за условите и начинот на користење. Секое користење е евидентирано, документирано и предмет на институционална контрола. Ниедна активност не е надвор од утврдените процедури, ниту постои каква било форма на злоупотреба - се вели во соопштението од владината прес-служба.
Според Владата, особено е симптоматично, како што наведуваат, што опозицијата свесно ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на авионот во ситуации од итен карактер. Јавноста, наведуваат, добро знае дека истиот авион беше ставен во функција на спасување човечки животи, меѓу другото, и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените од трагичниот пожар во Кочани.
- Загрижува фактот што истата политичка структура, која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања што останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш, во тоа време од патувањата со владиниот авион гледавме фотографии и изјави со кои се манипулираше јавноста - се вели во соопштението.
Владата наведува дека „денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија“. - Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи, напротив, токму во нивниот период на владеење јавноста беше сведок на безброј злоупотреби - посочува Владата.
Дополнува дека останува цврсто посветена на принципите на законитост, отчетност и транспарентност. - Секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола и ние немаме што да криеме. За разлика од политиката на сензационализам и конструирани афери, наш приоритет остануваат конкретните резултати, заштитата на јавниот интерес и унапредувањето на меѓународната позиција на државата, соопшти владината прес-служба.лв/са/
Фото: МИА архива