• четврток, 04 декември 2025

Вечерна, утрена и Света архијерејска Литургија во Бигорскиот скит, посветен на солунските браќа Кирил и Методиј, во селото Битуше

Вечерна, утрена и Света архијерејска Литургија во Бигорскиот скит, посветен на солунските браќа Кирил и Методиј, во селото Битуше

Дебар, 20 мај 2025 (МИА) - Со благослов на Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, Свештената бигорска Обител, информираше дека на денот кога Православната Црква го слави споменот на Светите рамноапостолни сесловенски просветители и учители, солунските браќа Кирил и Методиј, 24 мај, во Бигорскиот скит посветен на солунските браќа, во селото Битуше, ќе се отслужи, вечерна, утрена и Света архијерејска Литургија.

Во петок, на 23 мај, со почеток во 18 часот ќе биде отслужена празнична Вечерна богослужба на којашто ќе претстои владиката Партениј. Во сабота, на 24 мај, во 8 часот ќе започне Утрената богослужба а во 9 часот ќе се отслужи Света архијерејска Литургија со која ќе чиноначалствува Епископот Антаниски г. Партениј.

- Во храмот, кој сè уште се наоѓа во фаза на изградба и оваа година молитвено ќе се собереме, за да испросиме од Бога и од Светите браќа благослов и поскоро завршување на нивниот нов дом. По завршувањето на богослужбите, во дворот на скитот ќе се одржи културно-уметничка програма. На Светата Литургија ќе присуствуваат сите монашки заедници под духовно раководство на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, односно братството на Бигорскиот манастир и сестринствата од Рајчица, Пречиста и Кнежино, стои во објавата на Бигорски манастир.

Од година во година сè поголем е бројот на оние кои присуствуваат на Светата архијерејска Литургија во овој скит, оддавајќи им почит на сесловенските просветители.

Скитот посветен на солунските браќа Кирил и Методиј се наоѓа на висорамнината под планината Крчин, над долнореканското живописно село Битуше, општина Маврово и Ростуше. Темелите беа осветени и поставени на 31 мај 2014 година, а првата литургија беше одржана на 24 мај 2017 година.

Иницијативата за градење и идејното решение беа на владиката Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој има голема љубов и почит кон светите браќата Кирил и Методиј. вт/дма/

 

Фото: Бигорски манастир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан