• сабота, 27 јули 2024

Веслачки клуб „Црн Дрим“, девет децении традиција на веслањето во Струга

Веслачки клуб „Црн Дрим“, девет децении традиција на веслањето во Струга

Струга, 30 декември 2023 (МИА) - Формиран во далечната 1933 година како Кралски клуб, директно по наредба на кралот Александар Караѓорѓевиќ, веслачкиот клуб „Црн Дрим“ од Струга годинава славеше 90 години јубилеј. Исправен пред предвизвиците кои му пркосат на времето, гордо се соочил и девет децении непрекинато ја врши својата примарна дејност.

Јубилејот беше достојно одбележан со низа настани во текот на целата година, меѓу нив и организацијата на Балканското првенство во веслање, промоција на моногафија, како и изложба со времеплов од фотографии, избор на Коста Хиохи.

Клубот секогаш и пркосел на вечноста, заедно со државата поминал низ војни и многу премрежја, но ги надживеал сите проблеми и неприлики и ќе продолжи да живее. Неговите хангари се лоцирани на крајот на Женска плажа, ја чуваат историјата, но, членовите живеат во сегашноста и потајно се подготвуваат за еден уште поголем јубилеј, еден век постоење.

Девет децении веслање во Струга

Веслањето во Струга девет децении гордо им пркоси на предизвиците, подемите и падовите, но ниту еднаш не подлегнало на временските неприлики. Веслачкиот клуб „Црн Дрим“ , формиран во далечната 1933 година, на иницијатива на кралот Александар Караѓорѓевиќ, кој бил вљубеник во веслањето, најпрво како истурена секција на Белградското спортско друштво „Југ“, од каде струшките веслачи добиле донација од три нови чамци: Четверец и двоец со кормилари и скиф, комплет со весла. Видни гости од тогашното Кралство Југославија присуствувале на свеченоста на која се славело формирањето на клубот, кој го нарекле „Црн Дрим“, а со спуштањето на секој чамец во езерските води, биле испукани плотуни од артилериско оружје. Опремата за веслачите била нешто свето, тоа го покажува и начинот на кој се грижеле и ја одржувале. Првиот четверец уште се чува во клупските простории, како реликвија - нем сведок на маркантната историја на веслачкиот клуб. По приемот биле осветени од свештено лице, а се извршило и симболично крштевање на чамците, кои ги добиле имињата „Струга“, „Дрина“ и „Вардар“.

Континуирано активен од Кралска Југославија до денес - гордост на стружани

Континуитетот на активен спортски клуб, веслачкиот клуб „Црн Дрим“ го задржал од самите почетоци до денес. Во ниту еден момент не прекинал во дејноста. За тоа со восхит говори стружанецот Коста Хиохи, магистер по спортски менаџмент и професор по спорт и спортски активности, кој во чест на јубилејот, 90 години постоење, ја напиша монографијата „Веслачки клуб Црн Дрим - Струга“.

- Клубот постоел од кралска Југославија, пред војната, за време на војната, до ден денес активно функционира без ниту еден прекин. Еминентни личности биле членови на Клубот. Дел од активните борци во Народно-ослободителната војна, меѓу кои Нико Нестор, Сотир Шута, Стефан Нестороски, Петар Милески..., покрај што биле видни стружани, веслачи, биле партизани и под закрила на спортската активност ги користеле чамците за транспорт на нелегални материјали, како летоци, весници и слично, раскажува Хиохи.

После војната, во неговото истражување за монографијата, открил дека биле регистрирани меѓусебни трки на тогашните рибари, па продолжува со работа и Веслачката Федерација.

Струшките веслачи, додава, активно учествувале на сите натпревари на ниво на Југославија и државни натпревари. - Со распаѓањето на Југославија клубот влегува во една „криза“. Поради ембаргата, нашите спортисти неможеа да излезат надвор на првенства и единствена сатисфакција им беше учеството на државно првенство, кое било со мал број учесници, појаснува Хиохи.

Секоја генерација си има своја приказна

Поранешните веслачи, оние кои се членови на постарата генерација, имаат многу интересен романтичарски пристап кон клубот. Секоја генерација има своја приказна, некоја анегдота поврзана со Клубот. Дел од нив сликовито се пренесени во монографијата на Хиохи, но МИА имаше можност да поразговара со некои од нив, кои со емоции говорат за времињата поминати во веслање.

Актуелниот претседател на Клубот, Здравко Голабоски се присетува дека за нив мотивација било пред да влезат во вода, прво да сркнат од кофата со мармалад, сите со една лажица.

- Пред секој тренинг домарот на клубот Здравко Чабас, на крајот од хангарот ќе ставеше една голема метална кутија со мармалад и лажица во неа. Секој кој излегуваше со чамецот си црпнуваше по една лажица од мармаладот и ја враќаше назад. Таа лажица мармалад за нас беше мотив за тренинг и енергија. Многу се радував за наградата, се присетува Голабоски.

Во монографијата е опишано и бегството на млад брачен пар од Струга, Елена и Коста Кавај, кои неможејќи да го издржат притисокот на српската асимилација, го украле чамецот „Дрина“ и го превеслале езерото, пребегале во соседна Албанија. Останале да живеат таму и Коста станал важен човек, советник на тогашниот диктатор Енвер Хоџа.

- Веслањето е спорт каде спортистот се движи со грбот накај целта и кога ќе се видело дека има некаква опасност еден штом ќе викнел „стој“, сите ги закопувале веслата. Интересна е приказната кога еден од веслачите на сред трка, викнал силно „стој“ и сите застанале, мислејќи дека нешто се испречило на патот. Кога прашале што е, веслачот што извикал кажал дека видел часовник на дното па да го земе, ја раскажува Хиохи анегдотата што му оставила впечаток при селекцијата за книгата.

Опремата најголем предизвик за клубот, но интерес за веслање кај стружани секогаш има

Опремата секогаш била најголем предизвик за Клубот, поради скапите чамци и додатоци. Иако е помалку атрактивен и многу тежок спорт, сепак, според Хиохи, кај стружани секогаш постоел интерес за веслање.

Веслачкиот клуб „Црн Дрим“, како што информира претседателот Здравко Голабоски, застарената опрема ја дополнил со нова преку грант од Светската веслачка федерација, која за федерации во развој има посебни програми.

- Во моментот имаме најкомлетна опрема од неговото формирање до денес. Со последните донации од Светската веслачка федерација добивме неколку ергометри - направи за веслање во затворен простор, кои на најприроден начин го симулираат веслањето, два-три чамци комплет со весла,... Опремата овозможува 30 лица да се вклучат во тренажен процес, вели Голабоски.

Струга, како што оценува професорот по спорт Хиохи, е спортски град и како непишана обврска е дека секое дете треба да се занимава со некаков спорт.

- Интерес за веслање секогаш постои кај младите, кај децата. Струга е расадник на спортисти во сите спортски дисциплини. Во последно време не се соочуваме со тој проблем, како што се соочуваме со проблемот на иселување. Малиот број деца, кои се помалку доаѓаат генерациски, побрзо одлучуваат да се вклучат во некоја поатрактивна спортска игра, која може да се реализира и да се одвива преку цела година. Иако и за веслањето тоа е овозможено со ергометрите, останало во свеста на граѓаните дека е летен спорт и децата не треба да ги пуштаат во зима, вели Хиохи.

Веслањето бара континуитет, државата нема стратегија

Веслањето е спорт, кој бара континуитет во подготовката и ангажман преку целата година, но немаме национална стратегија, поради што ги губиме спортистите кога ќе продолжат со студирањето и немаат услови за професионални тренинзи.

- Веслачкиот клуб се соочува со проблемот на непрофесионалност, односно губење на спортистите кога можат најмногу да дадат. Кога ќе се запишат на факултет и немаат услови да ги продолжат подготовките и на тој начин завршува нивната потенцијална кариера. Секогаш во јуниорски категории сме имале солидни резултати кои можеле да се надополнат подоцна и во моментот кога требало да се вложи да се продолжи тие завршуваат, забележува Хиохи.

Иако нема старосна граница за почетоци со веслањето, сепак препорачливо е од 9-10 години, откако децата физички ќе се формираат, поради тежината на спортот да не дојде до деформитети на телото.

- Интересни се првите чекори, влегување во вода, веслање, панорамско разгледување на езерскиот брег. На првата пречка младите веслачи наидуваат кога влегуваат во процесот на тренинзи каде треба да се вложи голем труд. Тогаш најчесто се откажуваат девојчињата. Се смета за машки спорт и потешко е да се задржат во процесот на подготовка, вели Хиохи.

Најпрво тие се млади веслачи, потоа пионери, па кадети и на 18 години стануваат сениори. По 27-мата година стануваат ветерани и тука нема граници, веслаат додека можат да држат весла.

Слаѓана Стојкова Костоски

Фото: МИА и архива на Коста Хиохи

Остани поврзан