Венгу: Албанските вооружени сили активно работат на санирање на штетите предизвикани од поројните дождови
- За време на инспекцијата на обновен мост во округот Либражд, во источна Албанија, Венгу рече дека активностите моментно се спроведуваат паралелно во окрузите Валона и Ѓирокастро и во општина Делвина, во југозападна Албанија.
Тирана, 16 јануари 2026 (МИА) - Албанските вооружени сили и претставниците на локалната самоуправа активно работат на санирање на штетите предизвикани од поројните дождови што ја зафатија државата минатата недела и предизвикаа поплави и тешкотии при патувањата, изјави албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу.
За време на инспекцијата на обновен мост во округот Либражд, во источна Албанија, Венгу рече дека активностите моментно се спроведуваат паралелно во окрузите Валона и Ѓирокастро и во општина Делвина, во југозападна Албанија.
Министерот исто така објави дека ќе се реконструираат уште два моста во главниот град Тирана, како и неколку мостови во градското подрачје на Елбасан и во округот Либражд.
Во вторникот, албанската влада, преку Министерството за одбрана, значително ја зголеми финансиската поддршка за Националната агенција за цивилна заштита (AKMC) и управување со вонредни состојби со вклучување во буџетот на земјата за 2026 година на посебен фонд од една милијарда албански леки (над 10,3 милиони евра) за спречување и справување со природни катастрофи. вт/сд/
Фото: Венгу на Фејсбук