• петок, 05 декември 2025

Велика Британија се приклучува на програмата „Хоризонт Европа“ 

Велика Британија се приклучува на програмата „Хоризонт Европа“ 

Брисел, 6 декември 2023 (МИА) – Велика Британија од 1 јануари 2024 година ќе стане придружна членка на програмата „Хоризонт Европа“, со што британските истражувачи ќе можат да учествуваат во проекти на оваа програма на ЕУ за истражување и иновации под исти услови како и нивните колеги од други придружни членки и ќе имаат пристап до нејзините фондови за финансирање. 

Дополнително, согласно Политичкиот протокол за асоцијација усогласен од страна на Специјализираниот комитет ЕУ-Велика Британија за учество во програмите на Унијата, британските истражувачи ќе можат да учествуваат и во проекти на европската вселенска програма „Коперник“. 

Како што соопшти ЕУ, приклучувањето на Велика Британија кон двете програми ќе ги зајакне нејзините врски со Унијата во областите на истражувањето и иновациите и ќе им овозможи на истражувачките заедници на двете страни заеднички да се справуваат со глобалните предизвици, како што се климатските промени, дигиталната трансформација и здравствената заштита. 

Согласно Протоколот, кој станува дел од Договорот за трговија и соработка меѓу ЕУ и Велика Британија, Лондон за своето учество во „Хоризонт Европа“ годишно во буџетот на Унијата ќе треба да уплаќа во просек по околу 2,43 милијарди евра, а за партиципацијата во „Коперник“ околу 154 милиони евра. 

„Хоризонт Европа“ е водечка програма на ЕУ за финансирање за истражувањата и иновациите, чиј буџет за периодот 2021-2027 година изнесува 95,5 милијарди евра. Преку оваа програма се финансираат проекти поврзани со справување со климатските промени, остварување на целите за одржлив развој на ОН и за зајакнување на конкурентноста и растот на Унијата. 

Со ова, преку програмата се олеснува соработката и се зајакнува влијанието на истражувањето и иновациите во развојот, поддршката и имплементацијата на политиките на ЕУ за справување со глобалните предизвици. 

„Коперник“ е вселенска програма на Европската Унија насочена кон следење на состојбите на планетата Земјата и нејзината животна средина. Таа овозможува информативни услуги од сателитско набљудување на Земјата и прибира терестријални податоци, со што дава суштински придонес во имплементацијата на Европскиот зелен договор и остварувањето на целите за нето нула емисии на штетни гасови. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан