• петок, 22 ноември 2024

Велика Британија го слави крунисувањето на кралот Чарлс Трети со улични забави и концерт во замокот Виндзор

Велика Британија го слави крунисувањето на кралот Чарлс Трети со улични забави и концерт во замокот Виндзор

Лондон, 7 мај 2023 (МИА) - По саботната свечена церемонија во Вестминстерската опатија во Лондон, која беше фокусирана на кралското семејство и лидерите од целиот свет, денеска централен настан во Велика Британија е прославата по повод крунисувањето на кралот, која ќе трае два дена, со што ќе се означи почетокот на ерата на Чарлс по 70-годишното владеење на кралицата Елизабета Втора.

Во речиси секој парк во Лондон се поставени детски игралишта, а важните градски улици и плоштади се место за специјални улични забави.

Пред замокот Виндзор вечерва ќе се одржи голем концерт на кој ќе настапат многу уметници како светски познатата пејачка Кети Пери, Лајонел Ричи и Андреа Бочели.

Концертот, на кој ќе присуствуваат 20.000 луѓе од целата земја и ќе го следат во живо во повеќе од 100 земји во светот, ќе биде јавен настан со учество на волонтери од бројни хуманитарни организации.

Преку видео порака ќе се појават холивудската ѕвезда Том Круз, актерката Џоан Колинс, авантуристот Бер Грилс и пејачот Том Џонс.

Кралскиот балет, Кралската опера, театарската компанија Ројал Шекспир, Кралскиот музички колеџ и Кралскиот уметнички колеџ ќе се соберат заради уникатен настап.

Познатиот британски пејач, композитор и пијанист Елтон Џон одбил да настапи на концертот, правдајќи се со турнеја во странство. Елтон Џон беше многу близок пријател на принцезата Дијана, поранешната сопруга на кралот Чарлс.

Утре во Бакингемската палата на отворено ќе биде организиран таканаречен „голем ручек“, каде ќе се дели јадењето „кралски киш“, специјално дизајнирано за церемонијата.

Понеделник ќе биде неработен ден. Кралското семејство претходно ги повика Британците на тој ден да прават волонтерски активности. 

Чарлс и Камила се надеваат дека продолжениот викенд „ќе даде можност за славење и поминување време со пријателите, семејствата и заедниците“, соопшти Бакингемската палата.

Централен аспект на прославите ќе биде таканареченото „Осветлување на нацијата“, со што ќе се осветлат познатите локации низ Велика Британија со помош на проекции, ласери и дронови.

„Од шолја чај со соседот до улични забави и кралскиот 'голем оброк' се одличен начин малку подобро да ја запознаете вашата заедница“, велат од Бакингемската палата.

Премиерот Риши Сунак ќе биде домаќин на волонтери и бегалци од Украина на ручек во неговата канцеларија и резиденција во Даунинг Стрит.

„Луѓето ја одбележуваат оваа важна пригода во духот на единството и надежта за подобро утре“, рече тој. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан