• недела, 22 декември 2024

Велешкото хемиско училиште со проширување на дуалното образование, покрај праксата учениците ќе добијат и стипендија од МОН

Велешкото хемиско училиште со проширување на дуалното образование, покрај праксата учениците ќе добијат и стипендија од МОН

Велес 10 мај 2021 (МИА) - Средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес, познато како хемиско, во новата учебна 2021/2022 година, ќе има дуално образование со пракса за струките од месопреработувачката во групацијата „АГРИА“ со кои соработуваше и претходно.

Во струката техничар за заштита на животната средина, која паралелка веќе ја има трета година, од септември, како новина за учениците е што ќе имаат пракса во Јавното комунално претпријатие „Дервен“. Новина од есен, исто така, е што учениците кои ќе се запишат во овие две струки, заедно со пекарската, и ќе бидат вклучени во дуалното образование, кое значи учење со пракса, како поттик за запишување токму во овие паралелки, од Министерството за образование и наука и Владата ќе добиваат и стипендија од 3.500 денари, девет месеци, колку што трае учебната година. Ова се однесува и на струката хемија и технологија.

Маја Хеско, директор на ССОУ „Димитрија Чуповски“, во изјавата за медиумите информира дека и досега имало интерес за овие паралелки, а верува дека со оваа кампања и со помошта од стипендиите од МОН, ќе се зголеми интересот на деветооделенците за упис во овие паралелки.

- За месопреработувач немавме голем одзив и без оглед на тоа колку учениците и досега ќе се запишеа во оваа струка, групацијата „АГРИА“ ги прифакаше и практичната настава и досега се одвиваше таму, појасни Хеско.

Воедно, за струката техничар за заштита на животната средина, веќе е трета година и трета паралелка од следната учебна година, а како новина ЈКП „Дервен“ за првпат се одзвал на нивниот повик за соработка и прифатил учениците кај нив да ја изведуваат практичната настава.
- Затоа што искажаа доверба кон наставниот план и програма која што е направена. Сето тоа бидејќи и на нив им требаат стручни кадри точно во тој профил којшто го имаме, појасни Хеско.
 
Таа информира дека во струката техничар за заштита на животната средина ќе се запишат 25 ученици, а во струката месопреработувач, која е комбинирана со пекар, ќе се запишат вкупно 25 ученици, без разлика колку ќе има интерес.

Во здравствената струка, како новина од есен, освен за медицинска сестра и фармацевтски техничар, по неколку години пауза, повторно ќе има упис за физиотерапевтски техничар. Нови се струките Медицинско-лабараториско-санитарен техничар и Гинеколошко-акушерска сестра кои се веќе дефицитарни на пазарот.

Освен во овие и во следната учебна година ќе има упис за струката техничар за козметичка нега и убавина, која и досега беше и е интересна и привлечна за деветооделенците.

Првото пријавување во првиот уписен рок за средните училишта е од 14 до 17 јуни. ад/ар/

Остани поврзан