• петок, 22 ноември 2024

Вевчански карневал од 12 до 14 јануари, годинава со поддршка од 1,8 милиони денари од државата

Вевчански карневал од 12 до 14 јануари, годинава со поддршка од 1,8 милиони денари од државата

Скопје, 9 јануари 2024 (МИА) - На 12, 13 и 14 јануари и оваа година традиционално ќе се одржи Вевчанскиот карневал. Според програмата, во петок ќе настапат Dj Ampov, Younge Daddy, Best od Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд како и Нокаут, додека во сабота најпрвин ќе настапи Akustik band live, Наум Петрески, Оркестар со зурли и тапани Вевчани и Перо Бели и Коки Биортиам.

Карневалот завршува на 14-ти, со традиционалното палење на маските.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешната прес-конференција информираше дека оваа година фестивалот добива поддршка од 1,8 милиони денари.

-Вевчанскиот карневал е нематеријално културно наследство на Република Северна Македонија и како таков мораме да го држиме. Мене ми е драго што Министерството за култура оваа година е достоен поддржувач на Вевчанскиот карневал. Како што и сами знаете, ние со градоначалникот Кочовски склучивме договор за финансирање на Вевчанскиот карневал во вредност од 1,8 милиони денари, тоа е 70 отсто од сумата што Министерството за култура ја префрли на сметката на Општината пред почетокот на Карневалот, рече Костадиновска Стојчевска.

Како што додаде, ја признаваат автентичноста на фестивалот и целта е заедно со Општина Вевчани да останат чувари на македонската традиција, култура и историја.

-Само вака можеме да покажеме дека заедно се грижиме за културното наследство, дека продолжуваме да ги негуваме обичаите кои што ги претставува Вевчанскиот карневал, затоа што со поддршка на Карневалот кој претставува културна туристичка атракција од овој регион го поддржуваме иновативниот дух на Вевчани. Морам да кажам дека едвај го чекам и почетокот на самиот Карневал и во исчекување на тоа ново издание на репертоарот од маски, на зетот и невестата, музичарите, ѓаволите, на глупиот Август како и на новите сатирични коментари кои се здрав коректив на општеството, посочи министерката.

Промоторот на фестивалот Игор Џамбазов на прес-конференцијата посочи дека на Вевчанскиот карневал присуствуваат најкреативните луѓе во земјава кои  знаат да направат шега и смеа од се.

- Ако влезете на Википедија ќе видите дека според некои записи, фестивалот е стар речиси 15 векови, 1460 години, а според некои артефакти пронајдени од Горна Белица, се претпоставува дека постои повеќе од 2000 години. Првиот Вевчански карневал се одржал 900 години пред Колумбо да ја открие Америка, рече Џамбазов.

Рече дека очекуваат многу гости, најавено е присуство на Норвешка телевизија која треба да прави патописна репортажа за земјава и одбрала три пункта - Хераклеа, Охрид и карневалот во Вевчани. Исто така, ќе дојде и Путриота, еден од најпознатите блогери на овие простори кој патува по светот и снима репортажи.

-Екипата наша ќе биде во Вевчани уште на 11-ти, затоа што на 12-ти, ноќта спроти Карневалот, ќе имаме општонародна веселба и ќе имаме добра програма двете ноќи, рече Џамбазов.

Според него, Вевчанскиот карневал е бренд кој не смее да се одбие. 

Градоначалникот на Вевчани Спасе Кочовски потенцираше дека Вевчанскиот карневал е име и бренд, и дека треба да биде гордост за секоја власт и министер.

- Имаме гости од цела Европа, новинари се присутни секоја година. Има докази дека карневалот се одржувал онолку колку што е старо и Вевчани. Карневалите тогаш се одржувале, бидејќи луѓето на тој начин одговарале на природните непогоди што ги наоѓале, суша, глад, болести. Со текот на времето се формирала администрација, се формирала држава и сега Вевчани е место каде што сите функционери и политичари, оние што цела година правеле негативни работи, истите можат да се видат на карневалот, без навреда. Вевчанскиот карневал нуди хумор и сатира, додаде Кочовски на прес-конференцијата. бт/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан